Ромите бараат извинување од Православната црква

Романската православна црква би требало да се извини за вековното ропство на Ромите. Тоа би бил одамна задоцнет симболичен гест, сметаат историчари, социолози и претставници на тамошната ромска заедница.

Дорин Чиоаба, самопрогласен крал на Ромите во Романија, покрена нова расправа за соочување со мрачното историско поглавје: тој бара отворање меѓународен судски процес против Романската православна црква за нејзината историска вина. Ромите во Романијаби сакале да им се упати барем извинување поради времето во кое припадници на ова малцинство биле поробени во периодот меѓу 14 и 19 век, вели Чиоаба. Оваа тема се најде и на дневниот ред на Европската конференција на Ромите, одржана во Сибиу на почетокот на март 2023. година.

„Оваа година славиме 167 години од еманципацијата на Ромите. Нашето долго ропство претходно е црн дел од нашата историја“, објасни Дорин Чиоаба на конференцијата за новинари. Ромската заедница очекува признавање на вината од страна на Романската православна црква поради фактот што Ромите биле држени како робови во црковните имоти и морале да помагаат при изградба на цркви. Ако тоа не се случи, ќе мора да следи тужба пред некој меѓународен суд, рече Чиоаба.

Ропството во Романија постоело речиси половина милениум, како во двете кнежевства Влашка и Молдавија, така и во Транссилванија, која се наоѓала во состав на Хабсбуршката монархија. Мнозинството робови биле Роми, тие биле во сопственост на благородници, православни манастири или државни институции. Укинувањето на ропството се случило дури на средината на 19. век.

„Противотров за расимот е знаењето“

Меѓународен процес за ова прашање е „фантазмагорична идеја“, вели социологот и ромски активист, Гелу Думиника. Тој не смета дека денешните црковни великодостоинственици се виновни за она што го направиле нивните претходници, но нагласува дека тие ја наследиле „институцијата изградена со крв“. Поради тоа би требало да им се упати извинување на Ромите, зашто „признавањето е противотров за незнаење, а знаењето е противотров за расизам“, вели Думиника.

Портпаролот на Романската православна црква, Василе Банесу, воздржано реагираше на новопокренатата дискусија: „Рационален дијалог е секогаш неопходен и добредојден“, истакна тој во своето соопштение. За минатото, како што појасни, не може да се одлучува со алатките на денешнината. Логиката на процесот низ кој би се барала компензација ја надминува ромската етничка припадност, зашто „големо мнозинство“ на населението на Романија би можело да бара компензација за робовласништвото практикувано во бившите романски кнежевства, смета Банеску.

Со други зборови, робови не држеле само црквите, туку тие биле во сопственост и на други институции и богати лица. Од аспект на Романската православна црква, тоа би можело да изгледа неправедно кога би се одбрала само одредена категорија на историски факти, како што е ропство на Ромите и кога таа клучна пресуда би била применета само на една институција, Православната црква на Романија.

Папата Франциско и патријархот на Романската православна црква, Даниел
Папата Франциско и патријархот на Романската православна црква, ДаниелФотографија: AFP/Vatican Media

„Извинувања веќе не користат“

Овој аргумент се однесува и на извинување, кое во најмала рака од Романската православна црква го очекува дел од ромската заедница. Историчарот Виорел Ахим, кој темелно се занимавал со оваа тема, вели дека „ропството во романските кнежевства не било етничка институција“. Покрај робовите Роми, имало и робови од други етнички заедници, пред сѐ романски селани, истакнува тој. Притоа, освен ропство, биле практикувани и други облици на искористување- робовладетелство и кметство.

Меѓутоа, овој научник признава дека, како и останатите западни христијански цркви, и православната црква го „легитимизирала ропството“. Поради тоа, вели тој, неопходна е проценка на нивниот однос кон ропството и неговото наследство. За жал, само неколку историчари се занимавале со оваа тема и расправите за неа се главно идеологизирани, па нема вистински дијалог, вели Ахим.

Пратеникот од Ромската партија, Каталин Манеа категорички ја отфрла можноста за судски процес, зашто смета дека „извинувањата веќе не се од корист“. Според него, „помирување и морално обештетување“ се многу попотребни. Романската православна црква би требало, вели тој, да преземе активна улога во промоција на ромската култура и идентитет, вклучувајќи и имплементација на идејата на Ромската партија за основање музеј за ромска историја и ропството.

Социологот Гелу Думиника посега по аргументот кој се потпира на христијанската вера: „Простувањето на гревовите следува по препознавање на грешката“. Држењето луѓе како робови било грев, вели тој. Истакнатиот ромски активист се надева дека Романската православна црква ќе им се придружи на западните христијански цркви и ќе ги признае своите гревови, зашто нејзиното име се поврзува со сите мрачни историски периоди, било да станува збор за ропство, Холокауст или комунизам.

Во 2019. година папата Франциско, во текот на својата историска посета на Романија, при средбите со ромски претставници побара прошка за „моментите во кои низ историјата ве дискриминиравме, злоставувавме или погрешно гледавме на вас.“ Низ рамнодушноста се хранат предрасуди и се шири омраза, рече поглаварот на Римокатоличката црква и додаде: „Ако некој е запоставен, човечката фамилија не може да оди нанапред.“

Дорин Чиоаба, самопрогласен крал на Ромите во Романија
Дорин Чиоаба, самопрогласен крал на Ромите во РоманијаФотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Различни пристапи

Романската православна црква има поинков поглед на тие работи. Патријархот Даниел во 2016. година, во текот на одбележувањето на 160-годишнина од еманципацијата на Ромите, истакна светли примери на некои православни свештеници кои застанале на страната на робовите и подоцна воделе грижа за значењето на ромската проблематика. Во својот тогашен говор, Даниел меѓутоа повеќе барал изговори за ропството во кое живееле Ромите, отколку причини за простување. Таквиот различен пристап на двете цркви може да се забележи не само во овој случај, туку и во различната филозофија на црковните великодостојници. Додека папата Франциско има толерантен и опуштен поглед на светот, патријархот Даниел, во склад со традициите на православието, е принуден да заземе поконзервативен став.

Во последните 50 години мнозинството христијански цркви молеа за прошка поради времето кога држеле робови. И политичарите извлекоа поуки од тоа. На пример, во 2001. година францускиот парламент усвои закон со кој ропството е означено за злосторство против човештвото. Не се само Ромите во Романија тие кои се надеваат дека во блиска иднина и Романската православна црква ќе се придружи на светот и ќе замоли за проштевање на своите историски гревови.

 

 

 

Back to top button
Close