„Роснефт“ го презема најголемото наоѓалиште на ретки минерали во Русија
Водечкиот руски производител на нафта „Роснефт“ го купи „Томтор“, најголемото наоѓалиште на ретки метали во земјата, откако рускиот претседател Владимир Путин минатата година повика да се забрза развојот на наоѓалиштето.
„Томтор“ се наоѓа во северниот сибирски регион Јакутија и е клучен дел од плановите на Русија за зголемување на производството на високотехнолошки метали што се користат во оружје, мобилни телефони и електрични автомобили за да се намали зависноста на земјата од увоз од Кина.
Според податоците од официјалниот државен регистар на руски компании, „Роснефт“ од вчера ја презеде целосната контрола врз управителот на ова наоѓалиште, компанијата „Восток инженеринг“.
Шефот на „Роснефт“, Игор Сечин, е долгогодишен сојузник на Путин. Роснефт не одговори веднаш на барањето за коментар на трансакцијата, упатено до лондонски Ројтерс .
Во ноември минатата година, Путин го обвини раководителот на проектот „Томтор“ за одложување на развојот на локацијата, сугерирајќи дека компанијата мора да собере инвестиции или да побара помош од трети страни, вклучително и од државата.
Пред војната во Украина, Русија планираше да инвестира 1,5 милијарди долари во ретки метали во обид да го заземе второто место на ранг-листата на најголемите светски производители до 2030 година, веднаш зад водечката Кина. Други земји, вклучувајќи ги и САД, исто така, се обидуваат да ја намалат својата зависност од Кина, која контролира 95 проценти од глобалното производство и снабдување со ретки метали.
Русија е на петто место на светската ранг-листа по големина на наоѓалишта на ретки метали, според податоците на американската државна геолошка агенција USGS, а само Кина, Бразил, Индија и Австралија имаат поголеми наоѓалишта.
Според проценките на USGS, руските резерви изнесуваат 3,8 милиони тони, а според стратегијата за развој на секторот, Русија планира да стане еден од петте најголеми производители на ретки метали до 2030 година и да зафаќа околу 12 проценти од глобалниот пазар.