РСЕ: Медицинска опрема украдена од Македонија требало да заврши во косовска болница на донатор на ДУИ

Бизнисменот во декември 2019 година станал член на Централниот одбор на владејачката партија од албанскиот блок. Воедно, истата година тој бил и најдарежливиот донатор на ДУИ кога на контото на партијата уплатил 32 илјади евра

Косовската полиција спречила украдена медицинска опрема од Македонија да заврши во косовската поликлиника „Авицена КС“ во сопственост на македонскиот бизнисмен Дритон Шуки, пренесе „Радио Слободна Европа“.

Косовските медиуми јавија дека станува збор за опрема вредна 45 илјади евра, а бизнисменот опремата наводно ја купил за 10 илјади евра.

„Како украдена медицинска опрема од болниците во Македонија завршила во рацете на бизнисменот Дритон Шуки одговор треба да даде истрагата на косовската и македонската полиција. Веста за украдената опрема и осомничениот скопјанец Шуки, што ја објавија косовските медиуми незабележливо помина во земјава. Тој има свој бизнис во Косово и Македонија, а е поврзан и со политичари од двете земји“,пишува РСЕ.

Сопственикот на поликлиниката „Авицена КС“ во Приштина, Шуки, пренесува РСЕ повикувајќи се на објава од косовската полиција на 17 ноември, бил сослушан и е осомничен дека направил кривично дело со купување на медицински апарат кој се сомничи дека е украден во Скопје.

 

 

Тој, пак, во изјава за косовскиот весник „Инсајдер“ ја демантирал полицијата и изјавил дека бил повикан како сведок, а не како осомничен.

„Иако, бизнисменот не е многу познат во македонската јавност, познат е во круговите на ДУИ. Во декември 2019 година тој станал член на Централниот одбор на владејачката партија од албанскиот блок. Воедно истата година тој бил и најдарежливиот донатор на партијата. Според листата на донатори кои ДУИ ја испратила на адресата на Државниот завод за ревизија, на контото на партијата Шуки уплатил околу 2 милиони денари или 32 илјади евра“,пишува РСЕ.

Целата сторија може да ја прочитате ТУКА.

Back to top button
Close