РСС доби награда за придонес кон евроинтеграциите на Западен Балкан

Советот за регионална соработка (РСС) ја доби овогодинешната награда за придонес кон евроинтеграциските процеси на земјите од Западен Балкан што ја доделува порталот „Европски Западен Балкан“.

При врачувањето, главниот и одговорен уредник на порталот Немања Тодоровиќ Штиплија изјави дека „по прв пат од 2019 година наградата е доделена на организација, односно на РСС“.

„Веруваме дека заедничките напори што ги вложува РСС во европеизација и економска интеграција на регионот од 2008 година до сега, неповратно го оформија Западен Балкан на подобро. Еден од најважните успеси оваа година беше укинувањето на роамингот на Западен Балкан. Заедно со иницијативите кои РСС ги покрена за време на пандемијата со ковид-19 и со работата врз Заедничкиот регионален пазар, сето тоа покажува колку станала незаменлива улогата што ја има РСС“, рече Тодоровиќ Штиплија.

Генералната секретарка на РСС Мајлина Брегу истакна дека е многу радоосна што во име на РСС ја прима наградата и дека тоа ќе претставува поттик за натамошна работа.

„РСС делува во областа на политиките, а тоа не е нешто што е добро видливо за пошироката јавност. Сепак, се што правиме е насочено во подобрување на животите на Западен Балкан и нивно приближување едни кон други и кон Европа“, рече Брегу.

Наградата како што соопшти синоќа РСС, се доделува по трет пат и е воведена во 2019 година по повод петгодишнината од работата на порталот. Првата награда ја доби Никола Димитров, во тоа време министер за надворешни работи на РСМ, а втората европратеничката Тања Фајон.

Back to top button
Close