РСС: Невработеноста на младите на Западен Балкан  е над 33 отсто, двојно повеќе од просекот во ЕУ

Еден од тројца млади лица на Западен Балкан се невработени, што е двојно повеќе од стапката на невработеност во Европската Унија која изнесува 17 отсто.

Притоа, еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат младите лица во земјите од Западен Балкан се неадекватните можности за вработување, соопшти Советот за регионална соработка (РСС) на Конференција посветена на младите на Западен Балкан, што се одржува денеска и утре во Будва, Црна Гора.

Повикувајќи се на податоци од Балканскиот барометар 2022, реномирано истражување на јавното мислење на граѓаните и бизнисот што секоја година го спроведува РСС, тоа се одразува и на растечката загриженост на јавноста поради одливот на квалификувана работна сила од земјите од регионот. Сега таква загриженост изразиле 18 отсто од испитаниците, додека пред пет години таа бројка била само 10 отсто.

На конференцијата посветена на вработувањето на младите на Западен Балкан, под името Нека се слушне гласот – Регион креиран за млади, учествуваат повеќе од 40 претставници на младите и креатори на политиките од 6 земји, кои ги претставија можните решенија на прашањата со кои се соочуваат младите при активното барање работа, односно невработеноста.  Во рамките на младинските лаборатории посветени на проблемот со невработеноста, претставниците на младите од земјите од Западен Балкан досега усвоија и изнесоа 11 препораки до властите на земјите од регионот како да се надмине овој проблем, беше соопштено на Конференцијата.

Оваа 2022 година од страна на Европската унија е прогласена за година на младите.

 

Back to top button
Close