РСС: Усвоена е Стратегијата за развој на ЈИЕ 2030

Лидерите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) ја одобрија Стратегијата за општествено економскиот развој на Југоисточна Европа (ЈИЕ) за следните 10 години што ја подготви Регионалниот совет за соработка(РСС) на самитот што заврши синоќа во Анталија, Турција.

„Стратегијата Југоисточна Европа 2030“ ја гледаме како стратешки начин заеднички да ги решаваме општествено економските и безбедносните прашања на Југоисточна Европа. За прв пат 13 земји од ЈИЕ имаат заедничка визија во остварувањето на целите на одржлив развој на Обединетите Нации под водство на Процесот за соработка во ЈИЕ. Стратегијата ЈИЕ 2030 е амбициозна и со нејзе се предлагаат сеопфатни, но реални активности во областите на образованието, правдата, здравјето и животната средина“, изјави Мајлинда Брегу, генерална секретарка на РСС, обраќајќи се на самитот на ПСЈИЕ.

На Самитот беше усвоена и Декларација со која се нагласува инклузивната улога на ПСЈИЕ во промоцијата и унапредувањето на регионалната поврзаност во политичка економска општетвена и културна насока, која во сите области ја поддржува и организира РСС.

Регионалниот совет за соработка е оперативна организација на државите што го сочинуваат Процесот за соработка во кој полноправна членка покрај 12 други држави од регионот е и Република Северна Македонија, а Стратегијата беше изработена од РСС по барање на ПСЈИЕ во 2019 година.

Самитот се одржа во Турција која досега беше претседавач со ПСЈИЕ, а од 1-ви јули претседавањето го презема Грција, соопшти РСС.

Back to top button
Close