РТС: Новиот самит ЕУ-Западен Балкан во декември најверојатно ќе се одржи во Албанија или С. Македонија

Нов самит на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ќе се одржи на почетокот на декември и тоа по првпат во една од земјите од регионот, дознава РТС од дипломатски извори во Брисел.

Во веста се наведува дека тој состанок треба да даде нов, силен сигнал за посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, со порака до земјите од регионот да ја искористат новосоздадената политичка средина во Европа, со цел да се подобри процесот на пристапување и решавање на отворените прашања во регионот.

Иако консултациите сè уште траат, европските дипломатски кругови оценуваат дека Србија нема шанси да биде домаќин на оваа средба на највисоко ниво, пред сè поради неусогласеноста на Белград со надворешната политика на ЕУ кон војната во Украина, велат изворите на кои се повикува РТС.

„Позициите и реториката на Србија за санкциите против Русија и војната во Украина се неприфатливи за многу земји членки“, наведуваат европските дипломати за РТС и оценуваат дека самитот „најверојатно ќе се одржи во Албанија или Северна Македонија“.

Во Брисел оценуваат дека војната во Украина ја зајакнала свеста во Европа за важноста на политиката на проширување за стабилноста на континентот, што се покажува и со покажаната подготвеност за брз напредок во разговорите со Украина и другите земји кои до неодамна не беа дел од процесот.

Back to top button
Close