Рубио и Лавров ќе се сретнат следната недела на ГС на ОН во Њујорк
Шефовите на дипломатиите на САД и Русија, Марко Рубио и Сергеј Лавров идната недела ќе се сретнат и ќе разговараат на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, објави денеска рускиот амбасадор во Обединетите нации.
„Јасно е дека ќе разговараат за широк спектар прашања, и билатерални и мултилатерални“, рече Василиј Небензја, како што пренесоа руските медиуми.
Амбасадорот дополни дека „засега нема конкретна агенда, но средбата е планирана“.
Средбата меѓу двајцата високи функционери ќе се одржи откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера, по завршувањето на неговата државна посета на Велика Британија, на прес конференција изрази „разочарување“ од својот руски колега Владимир Путин поради нерешавањето на конфликтот во Украина, каде што Русија води војна од 2022 година.
Трамп, кој во својот прв мандат во Белата куќа успеа да се зближи многу со Владимир Путин, исто така, рече дека е подготвен да воведе нови санкции против Русија, но под услов Европејците да престанат да купуваат руска нафта, чија продажба е еден од главните извори на финансирање на руската воена машинерија против Украина.
Американскиот претседател пред еден месец го угости Владимир Путин на Алјаска, што беше првата таква средба на западен лидер со Путин од почетокот на руската офанзива врз Украина, но нивната средба не резултираше со никаков напредок.