Рубио на средбата со Муцунски побарал НАТО сојузниците да поддржат до пет проценти извојување од БДП за одбраната

Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека државниот секретар Марко Рубио на средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја нагласил потребата „сојузниците на НАТО да поддржат и да стигнат до пет проценти издвојување за одбраната“.

– На средбата беше нагласена силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и беа истакнати заедничките интереси за регионалната стабилност, економската соработка и НАТО.  Тие ги разгледуваа можностите за проширување на економската соработка, вклучително и трговијата и инвестициите. Секретарот ја нагласи потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да стигнат до пет проценти издвојување за одбраната, се посочува во соопштението по средбата Рубио – Муцунски.

Од Министерството за надворешна политика и надворешна трговија,информираа дека биле разменети и мислења за безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над два проценти од БДП во одбранбениот сектор.

Како што соопшти Министерството, двајцата соговорници ја потврдиле извонредната соработка меѓу двете држави, која е заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство.

– Министерот Муцунски ја нагласи посветеноста на македонската Влада кон унапредување на политичкиот дијалог со САД, како и конкретната заложба за институционализирање на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички Акционен план, се наведува во соопштението.

Во рамки на разговорот  Рубио-Муцунски биле разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор и напредок во насока на намалување на тарифите и можноста за започнување на процес за потпишување Договор за слободна трговија. Министерот Муцунски ја истакнал отвореноста на македонската Влада кон унапредување на економската соработка, привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во земјата.

Back to top button
Close