Рубио: Работиме на договор што ќе му овозможи на Иран да има цивилна нуклеарна програма

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп работи на постигнување договор што би му дозволил на Иран да има цивилна програма за нуклеарна енергија, но не и да збогатува ураниум, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио.

Рубио пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот изјави дека администрацијата се стреми да му даде можност на Иран да се стреми кон мир и просперитет, јавија француските медиуми.

-Нема да биде лесно, но тоа е процесот во кој сме вклучени во моментов, рече Рубио.

Иранскиот заменик министер за надворешни работи, Казем Гарибабади, денеска изјави дека Техеран добил и моментално разгледува предлог за петтата рунда нуклеарни преговори со САД.

Тој го изјави ова неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Техеран мора брзо да ги продолжи преговорите, пренесоа британските медиуми.

Два дена претходно, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, изјави дека датумот за петтата рунда нуклеарни разговори меѓу Иран и САД е одреден, но се чека одобрување и наскоро ќе биде објавен.

Back to top button
Close