Рубио: Русија и Украина би можеле да преговараат во Ватикан

Државниот секретар на САД Марко Рубио денеска изјави дека Ватикан би можел да биде место за одржување мировни преговори меѓу Русија и Украина.

– Не би го нарекол (Ватикан) посредник, но како што мислам, тоа секако е место каде што двете страни би се чувствувале пријатно, им рече тој на новинарите во Рим пред средбата со кардиналот Матео Зупи, ватикански експерт за Украина.

Рубио рече дека ќе разговара за потенцијалните начини на кои Ватикан би можел да помогне, „статусот на преговорите, новостите по вчерашниот ден (преговорите во Истанбул) и патот напред“.

– Значи, ќе разговараме за сето тоа и секако секогаш ќе му бидеме благодарни на Ватикан за подготвеноста да има конструктивна и позитивна улога, им рече Рубио на новинарите во Амбасадата на САД во Рим.

– И благодариме на Светата Столица за нејзината подготвеност да се вклучи во овој процес … Благодарни сме за нивните долгогодишни напори, не само за обидите да посредуваат за мир, туку и за размената на затворениците, напиша Рубио на Х по средбата со Зупи.

Ватикан има традиција на дипломатска неутралност и долго време се ставаше на располагање за да се обиде да ги олесни преговорите, но не дојде до тоа.

Покојниот папа Франциск, кој често ги лутеше двете страни со своите коментари, му довери на Зупи да се обиде да најде „пат на мирот“. Меѓутоа, тоа се сведе на занимавање со враќањето на киднапираните украински деца и неколку посредувања во размената на воени заробеници.

Новиот папа Лав Четиринаесетти, кој беше избран на 8 мај, во својот прв благослов го повтори повикот на Франциск за мир во Украина. Тој апелираше до сите страни да сторат сè што е можно за да се постигне „праведен и траен мир“.

Лав претходно, како бискуп во Перу, ја нарече таа војна „империјалистичка инвазија“, а оваа недела се заколна дека ќе „вложи максимални напори за да превладее мирот“.

Back to top button
Close