Рубио: Турнирот на тревникот пред Белата куќа во ММА ќе привлече повеќе гледачи отколку Шекспир
Aмериканскиот државен секретар Марко Рубио објави дека турнирот во мешани боречки вештини – Ultimate Fighting Championship (UFC/MMA) в недела по повод 250 годишнината од објавување на независноста на САД, ќе биде попривлечен за публика отколку драма на Шекспир. Рубио вели дека тој настан ќе го гледаат милијарда луѓе ширум светот. Ќе се одржи в недела кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе прослави 80-ти роденден.

На јужниот тревник на Белата куќа е изградена арена со 4.000 седишта опремена со карактеристичниот осумаголен ринг за седум борби.
Иако администрацијата изјави дека UFC ќе ги покрие трошоците од 60 милиони долари, судските документи покажуваат дека седум владини агенции, вклучувајќи го Министерството за внатрешна безбедност и Федералната администрација за авијација, „посветиле значителни финансиски и човечки ресурси“ за настанот.
Рубио го опиша настанот на UFC во Белата куќа како „подарок за американскиот народ“.
Тој рече: „Белата куќа е дом на народот. Таа им припаѓа на луѓето од САД. Прославата на 250-годишнината од Америка им припаѓа на луѓето од САД“.
Нагласувајќи ја популарноста на мешаните боречки вештини (MMA) меѓу милиони Американци, тој рече: „За нив да можат да го гледаат овој настан со Белата куќа во позадина како дел од нашите прослави како земја за нашата 250-годишнина, мислам дека тоа е подарок за американскиот народ. Тие ќе ја видат Белата куќа и нивниот главен град на роденденот на нивната нација, славејќи историски настан“.
„Можевме да донесеме бенд, а имаме неколку одлични бендови. Можевме да поставиме претстава од Шекспир во паркот. Можевме да направиме многу работи, но овој настан ќе привлече публика, веројатно милијарда луѓе ширум светот.“
„Милијарда луѓе ширум светот ќе ја гледаат Америка како ја слави својата 250-годишнина со Белата куќа во позадина и некои од најдобрите спортисти во светот во Октагонот, и ние сме среќни што сме дел од тоа.“






