Русија го одби барањето на Амбасадата на САД за посета на приведениот новинар на Волстрит журнал
Руското Министерство за надворешни работи денеска го отфрли барањето на САД за конзуларна посета на Еван Гершкович, новинар на Волстрит журнал, кој е во затвор под обвинение за шпионажа.
Министерството соопшти дека го одбило барањето за посета на 11 мај како одмазда поради тоа што САД одбиле да им дадат визи на руските новинари кои планирале да го придружуваат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Обединетите нации.
„Беше упатена протестна нота во врска со провокативното однесување на американската дипломатска мисија, која спречи издавање визи на претставници на медиумите кои требаше да го придружуваат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на неговото патување во Њујорк“, соопшти руското МНР.
Американската амбасада во врска со тоа била информирана дека „нејзиното барање за конзуларна посета на 11 мај на американскиот државјанин Гершкович, приведен поради сомнение за шпионажа, било одбиено“.
Се разгледуваат и други можни одмазднички мерки за кои американската страна ќе биде соодветно информирана“, се вели во соопштението. Гершкович е во притвор од 29 март, кога руската служба за безбедност го уапси под обвинение за шпионажа.