Русија негодува на одлуката на македонските власти за затворање на рускиот почесен конзулат во Битола

Руските власти денеска реагираа на одлуката на Северна Македонија за престанок на важењето на согласноста за именување почесен конзул на Руската Федерација со седиште во Битола што де факто е одлука за затворање на конзулатот.

Од руското МНР велат дека со овој чин, недвосмислено, земјава повторно направила политички и непријтелски гест што ќе придонесе за продлабочување на и онака влошените македонско-руски релации што, според Москва, е резултат на демонстрација на слепа лојалност на Северна Македонија кон западните сојузници, нивната политика на санкции и брутален притисок врз Русија.

„Жалиме што во вакви времиња, почесните конзули, кои помагаат во развојот на меѓучовечките контакти, кои нудат помош за граѓаните и бизнисот, се жртвувани во антируската кауза во Скопје. Очигледно, тие не се грижат за нивните интереси и провоцираат наша реакција, која, секако, ќе следува.”велат од руското МНР.
Инаку, одлуката за повлекување на согласноста од страна на македонската влада е донесена на 17 мај годинава, а објавена е во Службен весник на 1 јуни 2022 г.

Почесниот конзулат на Руската Федерација во Битола беше отворен на 31 август 2016 г., а за почесен конзул беше назначен бизнисменот и некогашен директор на спортскиот клуб „Вардар”, Сергеј Самсоненко.(http://www.russconsulbt.org/) На отворањето беше речено дека целта на конзулатот ќе биде унапредување на економската соработка помеѓу македонските и руските компании, но и развој на билатералните односи помеѓу двете земји. Покрај Битола, конзулатот ги покриваше и териториите на општините Прилеп, Крушево, Могила, Кривогаштани и Новаци.

Back to top button
Close