Русија ноќеска ја нападна Одеса: Загинаа двајца, 14 повредени, меѓу нив и деца

Русија изврши нов воздушен напад врз јужниот украински град Одеса, при што загинаа две лица, а најмалку 14 беа повредени, соопшти украинската Државна служба за итни случаи.

Во нападот, еден дрон удрил во станбен облакодер со 21 кат. Избувнал пожар на седмиот, осмиот и деветтиот кат, при што жителите останале заробени во своите станови. Итните служби успеале да спасат пет лица, меѓу кои и едно мало дете.

Жртвите се брачен пар чии тела биле извлечени од урнатините, информираше гувернерот на Одескиот регион, Олег Кипер. Меѓу повредените се и три деца, а сите се цивили.

Одеса, голем црноморски пристанишен град со околу еден милион жители, е честа цел на руски воздушни напади од почетокот на инвазијата.

Руските напади со ракети и беспилотни летала врз украинските градови значително се засилија во текот на мај и јуни.

 

Back to top button
Close