Русија се подготвува прва да ја одобри вакцината за коронавирусот

Русија има намера, за помалку од две недели, да биде првата земја во светот што ќе ја одобри вакцината против коронавирусот. Руските власти за Си-Ен-Ен изјавија дека работат на тоа вакцината, изработена од московскиот институт „Гамалеја“, да се одобри до 10 август или порано.

Таа ќе биде одобрена за јавна употреба, а први ќе ја добијат здравствените работници.

-Ова е моментот на Спутник, рече Кирил Дмитриев, шеф на рускиот Фонд за суверено богатство, што ги финансира руските истражувања на вакцините, алудирајќи на успешното лансирање на првиот сателит во светот од страна на Советскиот Сојуз во 1957 година.

„Американците беа изненадени кога го слушнаа звукот на Спутник. Истото е и со оваа вакцина. Русија ќе ја има прва“, додаде тој.

Русија, меѓутоа, не објави никакви научни податоци за тестирањата на вакцините и Си-Ен-Ен не е во состојба да го потврди тврдењето за најзината безбедност или ефикасност.

Критичарите велат дека постои притисок да се развие вакцината побрзо  заради политичкото влијание на Кремљ, што сака да ја претстави Русија како глобална научна сила.

Постои голема загриженост, исто така, дека тестирањето на вакцината врз луѓето е нецелосно.

Во светот во моментов се водат десетици испитувања на вакцина, а на мал број се тестира нејзината ефикасност, но повеќето истражувачи предупредуваат дека останува да се заврши многу работа пред таа да се одобри.

Додека некои глобални вакцини се во третата фаза на тестирање, руската вакцина допрва треба да ја заврши втората фаза.

Истражувачите планираат оваа фаза да ја завршат до 3 август, а потоа да спроведат и трета фаза од тестирање паралелно со вакцинацијата на медицинските работници.

Руските научници велат дека вакцината е развиена брзо, бидејќи е изменета верзија на таа што веќе постои за борба против другите болести. Таквиот пристап постои во многу други земји и други компании.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските војници биле доброволци во испитувањата врз луѓето.

Во снимените коментари доставени до Си-Ен-Ен, Александар Гинсбург, директор на проектот, кажува дека самиот веќе се вакцинирал.

-Русија ја покажа својата лидерска позиција во развојот на вакцините и докажаната платформа за вакцинирање од ебола и МЕРС за да го донесе првото безбедно и ефикасно решение за најголемиот проблем во светот, изјави Дмитриев за Си-Ен-Ен.

Светската здравствена организација соопшти дека нема одобрена вакцина за МЕРС.

Руското Министерство за здравство, што  се уште не го потврди август како датум на одобрување, соопшти дека медицинскиот персонал од прва линија на борбата со епидемијата прв ќе се вакцинира, откако вакцината ќе биде одобрена за јавна употреба.

Back to top button
Close