Русија тврди дека ги уништила украинските воздухопловни бази

Воената инфраструктура на украинските воздухопловни бази е уништена, јави агенцијата Интерфакс повикувајќи се на извори од руското Министерство за одбрана.

„Воената инфраструктура, објектите за противвоздушна одбрана, воените аеродроми и воената авијација на украинските безбедносни сили се онеспособени со многу прецизно оружје“, цитира руската агенција Тас извори во руското Министерство за одбрана.

 

Украинската армија, пак, според сопствени наводи, соборила пет руски авиони и еден хеликоптер во регионот Луганск. Русија, според руската агенција РИА, ги демантира ваквите информации.

Украинската гранична служба изутринава јави дека е нападната од руската армија од две страни – Русија и Белорусија. Украина е гаѓана со „артилерија“ од страна на „руски трупи од Русија и Белорусија“, соопштија украинските граничари. Украинските воени сили возвратиле на огнот. Рускиот претседател Владимир Путин, според соопштението на официјален Минск, водел телефонски разговор со белорускиот колега Александер Лукашенко за да го информира за руската „воена операција“ против Украина. Во Белорусија во претходните две недели се одржуваа заеднички „воени вежби“ на руските и белоруските воени сили. Во неделата (20.02) Минск соопшти дека „вежбите“ ќе бидат продолжени поради „ескалација“ на конфликтот во источна Украина. Според проценки на САД, Русија од 10 февруари, кога почнаа воените маневри во Белорусија, во таа земја префрлила 30.000 свои војници.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба бара оружје за Украина. „Потребно ни е оружје, финансиска поддршка и хуманитарна помош“, изјави Кулеба. Украинскиот парламент гласаше за воведување вонредна состојба во земјата, за која претходно со декрет наредба издаде претседателот Володимир Зеленски.

Back to top button
Close