Русите бомбардираа трговски центар во родниот град на Зеленски, има жртви

По рускиот напад со дронови врз трговски центар во југоисточниот украински град Кривиј Рих, бројот на жртви се искачи на најмалку 16. Украинската служба за итни случаи утрово објави дека уште девет лица се водат како исчезнати, меѓу кои и две деца. Неколку тешко повредени се згрижени во болници. Во петокот вечерта, првично беше објавено дека загинале 15 лица, додека повеќе од 130 се повредени. Меѓу повредените има голем број деца.

Во текот на ноќта, Русија повторно го нападна и украинскиот главен град Киев. Според властите, загинало најмалку две лица, а повеќе се повредени. За време на нападот избувнал пожар во магацин. Руското Министерство за одбрана, во тврдења кои не се независно потврдени, соопшти дека е погодено железничко депо со локомотиви. Украинската протввоздушна одбрана претходно предупреди од можен напад со балистички ракети.

Според украинските медиуми, Киев повторно нападнал голема рафинерија за нафта во регионот Самара, но за првпат цел бил и магацинот на руската компанија за онлајн трговија Озон.

Компанијата го потврди нападот врз својот логистички центар во регионот Самара. Магацинот се запалил, а околу 500 вработени биле евакуирани. Озон објави дека има и повредени лица, како и дека е воспоставена посебна телефонска линија за итни случаи за вработените и за членовите на нивните семејства.

Во последните недели, Украина повеќепати ја напаѓаше најголемата руска онлајн продавница Вајлдберис со дронови. Според проценките на експертите од секторот, штетата која ја претрпела таа компанија се мери во милијарди рубли.

Руската престолнина Москва, исто така, утрината пријави нови украински напади со дронови. Според властите, полетувањата и слетувањата на московските аеродроми биле привремено прекинати поради воздушната опасност.

Back to top button
Close