Руска амбасада: Нема основа за тврдењата на Османи дека сме заинтересирани за конфликт меѓу С Македонија и Бугарија

Нема основ за тврдењата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, дека сме заинтересирани за конфликт меѓу Северна Македонија и Бугарија, реагира амбасадата на Русија во земјава во врска со една од последните изјави на шефот на дипломатијата.

„Обрнавме внимание на изјавата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија Б. Османи во интервју за Радио Слободна Европа на 29.01 дека „третиот фактор“ заинтересиран за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу Северна Македонија и Бугарија, е Руската Федерација. Убедени сме дека нема основа за такви тврдења, а камоли докази, како што беше случај повеќе пати. Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во БиХ и во српската АП КиМ, не може да се прецени“ пишува во реакцијата на руската амбасадата објавена на нејзиниот Твитер-налог.

Секогаш, велат оттаму, постапуваме во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации и сме заинтересирани за просперитет и мирен соживот на сите земји во регионот.

Од амбасадата на Русија реагираат и кон македонските медиуми кои пишуваат дека Кремљ се меша во внатрешните работи на Северна Македонија, па бараат да се има поодговорен пристап.

„Апсолутно никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на Северна Македонија и нејзините односи со другите земји, а тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти. Ги повикуваме медиумите во Северна Македонија на одговорен и професионален пристап при објавување материјали за Русија и принципите на нејзината надворешна политика кои отворено ги декларираме – интеракција заснована на рамноправност, меѓусебно почитување и земање предвид меѓусебните интереси“ велат од руската амбасада.

Во интервјуто за РСЕ кое беше објавено минатиот викенд, а кое е причина за реакцијата на амбасадата на Русија, Османи вели дека иако тој лично нема директни информации, сепак, Руската федерација е еден од факторите на кои им е од интерес да се одржат живи конфликтите во овој регион, па некогаш дури и замрзнати. Тоа, според Османи, е со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион.

„Тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите. Не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан, така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт. Дали е тоа во наш интерес? Јас не се согласувам“ рече Османи за РСЕ.

 

Back to top button
Close