Руската амбасада во Скопје со закана дека „евидентира русофоби“

Руската амбасада во Скопје е единствена од регионот на Балканот која преку Твитер го пренела и превела „предупредувањето“ од Министерството за надворешни работи на Руската Федерација за зголемено ниво на „русофобија“ со напомена дека „сите вакви инциденти се внимателно евидентирани“.

Наспроти тоа што државните институции на Руската Федерација на своите граѓани им имаат ограничено или забрането пристап до социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, руското МНР продолжува активно да ги користи обете.

На 5 март во 17:55 ч. официјалниот твитер-профил на МНР на Русија го објави следното соопштение, кое неколку часа потоа беше преведено и на македонски и пренесено од официјалниот твитер-профил на Амбасадата во Скопје во 23:03 часот истиот ден.

Ден претходно, на 4 март, Руската Дума усвои закон со кој се пропишани драконски казни за делото „свесно ширење на лажни вести“ за операциите на руската војска, со кој за некои дела се предвидува и казна затвор до 15 години, извести „Вистиномер“.

Државната дума воведе и прекршочна одговорност за „дискредитација на вооружените сили на Руската Федерација“. Законот предвидува воведување одговорност за јавните повици за спречување на употребата на вооружените сили на РФ. Со овој нов закон за цензура за активностите на руските вооружени сили против Украина забрането е да се користат термините како „инвазија“ и „војна“, туку смее само да се користи официјалната терминологија „специјална воена операција“.

Back to top button
Close