Руската амбасада за Гоце Делчев: Пред 118 години загинал македонскиот народен херој
Оваа годишнина од смртта на револуционерот во Бугарија поминува во сенка на очекуваната политичка криза по изборите во април, откако, пред три месеци, досегашниот премиер Борисов изрази надеж дека следната година „со браќата од С Македонија“ ќе се одбележи 150. роденден на Делчев
БГНЕС објави интервју со бугарски архивист, кој презентира писма што, според него, ги демантираат „скопските историчари, кои, на секој начин, се обидуваат да докажат дека Гоце Делчев имал само негативен став кон бугарската држава“
Заев напиша на Фејсбук дека го чествуваме Делчев како инспиратор и апостол на македонската револуционерна организација, која, како што наведува, се бореше за остварување на историската идеја за правото на Македонците за своја самостојна држава
Амбасадата на Русија во Скопје се осврна денеска на Гоце Делчев, по повод годишнината од неговата смрт, нарекувајќи го македонски народен херој.
„Пред 118 години загинал македонскиот народен херој, Гоце Делчев. Идеалите на борбата за слобода, на кои овој извонреден револуционер им го посветил својот живот, се релевантни во секое време“,
се наведува во пораката што ја објави руската амбасада на Твитер.
Одбележувањето на оваа годишнина од смртта на Делчев во Бугарија поминува во сенка на очекуваната политичка криза по изборите во април, кои не донесоа јасно мнозинство во парламентот за формирање нова Влада.
Ликот и делото на револуционерот станааеден од главните камења на сопнување во односите меѓу Скопје и Софија, а бугарскиот премиер во заминување Бојко Борисов, пред точно три месеци, кога се одбележуваа 149 години од раѓањето на Делчев, изјави дека очекува в година јубилејната годишнина од неговото раѓање Бугарија да биде одбележана заедно „со браќата од Северна Македонија“.
По повод 118-годишнината од смртта на Делчев, бугарската агенција БГНЕС објави интервју со Евгениј Еков, главен експерт во Централната управа за архиви на Државната агенција за архив, во кое тој посочува дека „лагата за ‘вечниот конфликт’ меѓу Бугарија и Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМРО) може да се смета за тргната од дневниот ред.
„Ова е прашање за кое се шпекулира уште од времето кога Гоце Делчев беше странски претставник на Внатрешната организација, заедно со Ѓорче Петров, во Софија, и долго по неговата смрт, па сè до денес. Скопските историчари на секој начин се обидуваат да докажат дека Гоце Делчев имал само негативен став кон бугарската држава и дека меѓу нив немало никаква врска и соработка“, вели Еков, презентирајќи писма што, според него, го докажуваат спротивното.
Тој вели дека тврдењата за негативен однос на Гоце Делчев кон бугарската држава мора да престанат.
Во чест на Делчев, денеска делегации од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, од Владата и од Собранието положија цвеќиња на неговиот гроб. Делегацијата од кабинетот на Пендаровски ја предводеше генералниот секретар Миле Бошњаковски, додека владината делегација ја сочинуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за финансии Фатмир Бесими.Во собраниската делегација, пак, беа потпретседателот на парламентот Горан Мисовски и пратеничките Даниела Маркоска и Велика Стојкова-Серафимовска.
Премиерот Зоран Заев, пак, напиша на Фејсбук дека го чествуваме Делчев како инспиратор и апостол на македонската револуционерна организација, која, како што наведува, се бореше за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава.
„Името и дејноста на Гоце Делчев се вплетени во македонската историја како синоним за една автентична и искрена борба и пожртвуваност, како синоним на македонската државност кој има најголема моќ во паметењето на Македонците“, порача Заев.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во статус на Фејсбук, оцени дека, ако Гоце Делчев денес беше жив, сигурно ќе беше прогласен за антизападен, затоа што, според него, тој е сѐ што не е сегашната власт.