Руската морнарица одржа воени вежби кај Калининград паралелно со маневрите на НАТО во Балтичкото Море

Руската морнарица спроведе воени вежби во Балтичкото Море, при што увежбуваше лансирање ненаведувани ракети, летови заради бомбардирање и ракетни напади, во време кога САД и НАТО изведуваат големи маневри во регионот.
Во рамките на вежбата биле увежбувани „подготовка на техниката за полетување, извлекување на авионите од удар на условен противник и нивно префрлање на други аеродроми“, се наведува во соопштението на руската морнарица.
Во вежбата, која се одржа на 8 и 9 јуни, учествуваа повеќе од десет авиони и два мали ракетни брода.
Воено-поморската вежба на НАТО во Балтичкото Море – БАЛТОПС (Baltic Operations, BALTOPS) – започна на 4 јуни и ќе трае до 20 јуни. Во маневрите учествуваат 20 пловни објекти од 15 држави и околу 6.000 војници. Станува збор за најголемите воени вежби во Балтичкото Море оваа година.
Руската ексклава Калининград се наоѓа на брегот на Балтичкото Море меѓу земјите членки на НАТО, Литванија и Полска, и претставува седиште на руската Балтичка флота. Во овој силно милитаризиран регион живеат околу еден милион луѓе.
Рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на мај изјави дека Русија располага со сите потребни средства за уништување на секоја сила што би се обидела да го нападне Калининград.
Претходно, литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис изјави дека НАТО треба да ѝ покаже на Москва дека е способно да продре во ексклавата.






