Руската полиција ги претресе домовите на неколку опозициски активисти

 Руската полиција денеска извршила претреси во домовите на неколкумина опозициски активисти, откако синоќа е уапсен опозиционерот Андреј Пивоваров во моментот кога се качувал во авион за Варшава.

Поранешниот пратеник Дмитриј Гудков за Телеграм изјави дека полицијата извршила претрес во неговата куќа, недалеку од Коломна, како и куќите на двајца негови соработници. Тој кажа дека не ја знае формалната причина за претресот.

Полицијата синоќа го уапси Андреј Пивоваров, поранешен директор на групата „Отворена Русија“, основана од рускиот магнат во егзил Михаил Ходорковски. Тој беше уапсен откако во Санкт Петербург се качил во авион за Варшава.

„Ја минав царината, а тие не ме прашаа ништо. Авионот веќе почна да се движи по пистата кога одеднаш застана. Полицијата дојде и ме изнесе надвор“, напиша Пивоваров на Твитер.

Соработниците на Пивоваров денеска изјавија дека полицијата извршила претрес и во неговиот стан и дека е покрената истрага поради наводна „соработка со непосакувана организација“.

Back to top button
Close