Руската служба за надворешно разузнавање ја обвини Србија дека испорачува муниција во Украина
Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација ја обвини Србија дека продолжува да испорачува муниција на Украина и покрај нејзината официјално прогласена неутралност.
Во соопштението објавено на веб-страницата на руската служба се наведени имињата на неколку државни и приватни компании вклучени во производство на оружје, чија муниција наводно завршила кај украинската армија. Како што е наведено, српските компании од одбранбената индустрија испорачале стотици илјади гранати за повеќекратни ракетни фрлачи и хаубици, како и милиони куршуми за лесно оружје.
„Покритието за овие антируски активности е шема што вклучува употреба на лажни сертификати за крајни корисници и земји-посредници. Меѓу вторите, најчесто се појавуваат земјите од НАТО, првенствено Чешка, Полска и Бугарија. Во последно време, за овие цели се користат и поегзотични канали со учество на африкански земји“ се наведува во соопштението на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација.
По ваквите наводи, српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во гостување на српската радио-телевизија рече дека ќе издаде налог за неспроведување на договорите за продажба на оружје и муниција каде што постои сомневање за злоупотреба и нивно потенцијално испраќање на украинското бојно поле.
„Секако дека ќе издадам наредба и предупредување секаде каде што има сомнеж за злоупотреба на крајните корисници – таквите договори да не се спроведуваат“ рече српскиот претседател.
Вучиќ додаде дека за ова разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата посета на Москва на почетокот на мај, додавајќи дека Србија и Русија формирале работна група за да ги утврдат сите факти. Сепак, оцени дека дел од наводите на Службата за надворешно разузнавање на Русија не се вистинити.
„На пример, велат дека постои договор помеѓу компанијата ‘Југоимпорт’ и Чешка за продажба на ракети на крајни корисници, но дозволите не се издадени и ниту една од тие ракети не е испорачана“ рече Вучиќ.