Руски дрон удри во зграда во Романија, НАТО издаде соопштение
Дрон удри во покривот на станбена зграда во романскиот град Галаци рано утрово, при што полесно повреди две лица. Дронот ја погоди зградата околу 2 часот наутро, по што избувна пожар на нејзиниот десетти кат, објавија романските медиуми.

Во исто време, Русија започна напад врз близок украински град, објави романското Министерство за одбрана.
Откако руски дрон удри во станбена зграда во центарот на романскиот град Галаци, НАТО исто така издаде соопштение. Портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, изјави дека генералниот секретар Марк Руте е во контакт со романските власти и дека НАТО ја осудува „руската неодговорност“.
51-годишна жена и 14-годишно дете се полесно повредени. 70 жители беа евакуирани.
Романското Министерство за надворешни работи го оцени инцидентот во Галаци, каде што дрон се урна во станбена зграда и експлодираше, како сериозна и неодговорна ескалација од страна на Руската Федерација.
„Овој инцидент претставува сериозна и неодговорна ескалација од страна на Руската Федерација. Романија ќе преземе потребни дипломатски мерки како одговор на ова сериозно кршење на меѓународното право и нејзиниот воздушен простор.
Романија ги информираше земјите-членки на Европската Унија, сојузниците и генералниот секретар на НАТО за околностите и побара мерки за забрзување на трансферот на капацитети против беспилотни летала во Романија. Руската Федерација сноси директна одговорност за овие сериозни и неодговорни дејствија.
Романија ќе дејствува со најголема решителност за да го зголеми меѓународниот притисок врз Руската Федерација со цел да се постигне итно и сеопфатно прекинување на огнот“, објави романскиот министер за надворешни работи, Тоиу Оана.
фото: IGSU






