Руски сајт за вработување бара пилоти на дронови


Најголемиот руски сајт за вработување „Хедхантер“ бара пилоти на дронови за обезбедување на воздушниот простор над Москва, без потреба од претходно искуство.

Како што пренесе Бета, во онлајн-огласот се наведува дека се бараат кандидати кои би ѝ се приклучиле на доброволната единица под име „Национална борбена резерва на војската“, задолжена за „осигурување на безбедноста на престолнината со користење на современи технички решенија и системи за надзор“.

„Ќе работите со високотехнолошка опрема дизајнирана за заштита на градската средина“, се прецизира во огласот.

Описот на работното место вклучува подготовка пред лет и пилотирање со дронови, спроведување извидувачки мисии и „извршување летови за собирање податоци, дење и ноќе“.

На кандидатите им се потребни само „основни технички вештини“ и желба да ги развијат своите способности во оваа област. Платата, која почетно изнесува 150.000 рубљи (1.704 евра) месечно, е значително под просекот во Москва, кој надминува 200.000 рубљи.

Во рецензијата за работодавачот, лице кое се претставило како „Главен инспектор“ напишало во огласот дека постојат големи можности за напредување и позитивна култура во компанијата, додека платата е заснована на учинок, што значи дека заработката може да се зголеми.

Засега не е утврдено кога огласот за работа бил првично објавен, но тој бил ажуриран на 1 јули.

Во јуни, Украина ги интензивираше нападите со дронови врз Москва, вклучувајќи и два напади во рок од три дена врз рафинерија за нафта на периферијата на главниот град.

Кремљ соопшти дека се преземаат мерки за зајакнување на руската одбрана од вакви напади. Оваа недела, Русија го изврши својот најсмртоносен напад годинава врз Киев, каде што беа убиени најмалку 30 луѓе.

Back to top button
Close