Руски шмек

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Му благодарам на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски што ме врати во младоста. Кога ја гледав прес-конференцијата на која ги соопштуваше резултатите од изборите си се вратив во 1994. Тогаш, кога претседателот на ДИК ги читаше бројките на добиените гласови и процентите, а новинарите си запишуваа во трефтерчињата и потоа трчаа да најдат фиксен телефон за кој прв ќе ги издиктира резултатите во редакција.

Замислете да му дадат на Дерковски да спроведува попис. Па кога ќе почне да ги чита сите бројки по општини, села, населени места, луѓе, говеда, овци, коли, камиони, семејства, иселени… Додека ги изреди сите, некои ќе умрат, други ќе се родат. И резултатите – неважечки.

А само недела дена пред изборите, Дерковски решил да ја смени апликацијата за електронска евиденција „за да го убрзаат процесот“. И од брзање, не стигнале да го тестираат ни серверот колку посети може да издржи. Па, кога ноќта по затворањето на гласачките места серверот падна, тие се посомневале дека бил нападнат однадвор. Ама во полиција пријавиле дури другиот ден, оти не може сега и со тоа да се занимаваат, имале многу работа. И нема да ја подигаат страницата на серверот, оти МВР им забранило да ги објавуваат резултатите од гласањето додека трае истрагата. Небаре хакерите оставиле траги на серверот, па истрагата ќе ги обезбедува доказите со истите инспектори што одеа да ги бришат снимките од камерите од кафеаната и од теретаната во кои одеше Мицкоски.

Во земја на дилетанти, кои многу често се и лакоми за пари, во која и летен дожд со малку повеќе фантазија има тендеција да се претвори во теорија на заговор, нормално е кога ќе падне официјалната страна на институцијата што ги брои гласовите веднаш да се фрли сомнеж за местење на изборите. Особено што и претседателот на ДИК не е баш некој наивен бирократ што строго пази на законитоста, оти го чувме во бомбите како прима наредби од Миле Јанакиески за местенки на изборите 2013. А и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, на кого му го пријавил нападот, е од неговата партија.

Компромитирана е институцијата. Но, компромитиран е и целиот демократски процес.

И нормално е кога нема официјални податоци од државна институција, секоја партија да си прогласи победа. Имавме среќа дека сите во исто време не излегоа да слават победа, па не се испотепаа меѓу себе.

И нормално е за сето ова никој да не одговара. Би било чудно некој да одговара. Впрочем, кој одговорал тука за нешто, а е заштитен од партијата што го поставила?

Башка, голема работа, паднал серверот. Не се расипал лифтот.

Целата колумна тука.

Back to top button
Close