Руски суд му ја продолжи казната на американскиот државјанин Роберт Гилман за уште две години


Суд во рускиот град Воронеж денеска го осуди американскиот државјанин Роберт Гилман, кој отслужува осумгодишна затворска казна за напад врз службеници на редот и вработен во затвор, на уште две години лишување од слобода.

Гилман, поранешен маринец, првпат беше осуден во 2022 година за напад врз службено лице во пијана состојба, а неговата казна беше продолжувана на неколку пати откако беше осуден и за напади врз затворски службеници и државен истражител додека беше во затвор.

Последните обвиненија, покренати против него пред Судот во Воронеж кон крајот на јули, повторно се поврзани со наводен напад врз затворски службеник.

На сослушувањето пред Судот во август, тој рече дека бил принуден да прибегне кон насилство бидејќи му била нанесена болка во пределот на препоните и биле упатени навреди кон неговиот татко.

Тогаш рускиот весник „Комерсант“ објави дека одбраната на Гилман побарала да добие поблага казна, повикувајќи се на фактот дека тој има непрецизирани ментални проблеми.

Гилман, кој станал наставник по англиски јазик откако служел во маринците, е еден од најмалку деветте Американци кои сè уште се наоѓаат во затвори во Русија по размената на затвореници меѓу Вашингтон и Москва во 2024 година и претходно оваа година.

Back to top button
Close