Руски уметник – жесток критичар на Путин е убиен во Полска
Полицијата во Полска истражува убиство на руски уметник и жесток критичар на претседателот Владимир Путин.

Полските обвинители објавија дека Роберт Кузовков, познат под уметничкото име Семјон Скрепецки, е убиен на 15 јуни во полскиот град Бјала Подласка, на околу 40 километри од белоруската граница.
44-годишникот бил застрелан пет пати во главата, градите и грбот на паркинг во градот, кој се наоѓа на околу 600 метри од белорускиот конзулат.
Семјон Скрепецки е псевдонимот што го користи Роберт Кузовков.
Тој беше познат по карикатурите на политичари, вклучувајќи ги Путин, белорускиот претседател Александар Лукашенко и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.
Марцин Козак, портпарол на Окружното обвинителство во Лублин, изјави дека на уметникот му се приближил неидентификуван вооружен маж кој испукал два куршума кон него.
„Кога жртвата паднала на земја, сторителот се приближил, испукал уште три куршуми, а потоа брзо избегал од местото на настанот. Роберт К. починал на местото на настанот“, додаде тој.
Пет чаури и еден куршум „Геко“ од 9 мм „Лугер“ се пронајдени на местото на злосторството, рече Козак.
Обдукцијата е закажана за 17 јуни.
Полицијата привела двајца белоруски државјани, на возраст од 33 и 37 години, во близина на белорускиот конзулат во градот. Нивната улога во инцидентот сè уште се утврдува






