Рускиот амбасадор во Белград тврди дека Западот сака да го смени Вучиќ
Рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко, изјави за руската агенција РИА Новости дека „Западот сака да го замени претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со слаб политичар контролиран од Европската унија“, јави денеска Радио телевизија на Србија.
– Желбата е да се отстрани Вучиќ, да се назначи еден од лидерите, условно, под наводници, кој би бил аналоген или сличен на оние луѓе кои формално се на власт во други земји, но се целосно потчинети на Европската унија, рече Боцан-Харченко.
Тој истакна дека „многу земји во регионот имаат формално независни лидери кои всушност ја спроведуваат волјата на Брисел“.
„Западот исто така сака Србија конечно да ја затвори оваа страница со бомбардирањето извршено од НАТО. Ајде да соработуваме со НАТО. Тие велат дека постепено ќе биде можно да се вовлече Србија во НАТО. Им е потребно затоа што тоа ќе ја отстрани одговорноста и вината за агресијата во 1999 година“, рече рускиот амбасадор, пренесе РТС.