Рускиот дипломат од шпионската афера во Бугарија ја напушти земјата откако се излекува од ковид-19
Вториот од двајцата руски дипломати, кои Бугарија ги прогласи за персона нон грата под обвинение за шпионажа на 23 март, ја напушти државата, соопшти денеска руската амбасада во Софија.
„Втор руски дипломат, на кого претходно му беше дијагностицирана инфекција со коронавирус закрепне и ја напушти територијата на Бугарија денеска – наведе портпаролот на амбасадата.
На 23 март, бугарското МНР ги прогласи двајца дипломати во руската амбасада во Софија за персона нон грата и им даде 72 часа да ја напуштат земјата поради активности, наводно, неспојливи со нивниот дипломатски статус.
Руската амбасада соопшти дека „ја смета одлуката на бугарската страна за неоснована“.
Кога бугарските власти соопштија за аферата со шпионажа од канцеларијата на главниот обвинител наведоа дека уапсиле шест лица, меѓу кои има вработени во Министерството за одбрана, а шеф на групата бил поранешен висок функционер на Воената разузнавачка служба со кодно име „Резидент“, кој завршил воено образование во Бугарија и странство, како и разузнавачко училиште во Москва, познато како ГРУ. Тој, според бугарската страна, ја организирал мрежата во која била и неговата сопруга, која има бугарско и руско државјанство и дејствувала како посредник, пренесувајќи информации за Бугарија, НАТО и ЕУ на „вработен во руската амбасада“, за што добивала пари да ги плаќа шпионите инфилтрирани во институциите.
Тогаш на руската амбасада во Софија оценија дека се работи за еден од континуираните обиди за нарушување на руско-бугарските односи.