Рускиот град Белгород ноќеска повторно бил цел на напад, гаѓан и Севастопол на Крим

Во украинскиот напад на пограничниот град Белгород во саботата беа убиени 25 лица, а повеќе од 100 беа повредени. Засега нема информации за жртви или предизвикана материјална штета во последните напади

Силни експлозии одекнале синоќа во делови од југозападна Русија и на анектираниот од Москва полуостров Крим, јавува Би-би-си.

Руските власти соопштиле дека пограничниот град Белгород, каде што во саботата во напад од страна на Украина загинаа 25 лица, бил повторно цел на напад, како и градот Севастопол на Крим, каде што била соборена украинска ракета.

Во последните денови, како што наведува британскиот национален сервис, воздушните напади меѓу Русија и Украина добија на интензитет.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија истрелала околу 300 проектили и 200 беспилотни летата врз Украина во изминатите пет дена.

Русија ги започна своите најголеми бомбардирања од воздух во рамките на инвазијата на Украина кон крајот на минатата недела, а во кои загинаа повеќе од 40 луѓе. На руската офанзива, украинските сили одговорија со напад на пограничниот руски град Белгород, во кој покрај 25 убиени, беа повредени и повеќе од 100 луѓе.

Ноќеска повеќе експлозии биле пријавени во Белгород, а гувернерот на регионот изјавил дека биле уништени неколку беспилотни летала.

Над пристаништето во Севастопол, најголемиот град на анектираниот од Русија полуостров Крим, бил соборен проектил, изјавил на Телеграм гувернерот на областа инсталиран од Москва, Михаил Развозаев.

Засега нема информации за жртви или предизвикана материјална штета во последните напади.

Инаку, нападите доаѓаат откако вчера руски проектили ги погодија најголемите градови во Украина, вклучувајќи ги Харков и Киев, во кои, според локалните власти, загинале најмалку пет лица, а десетици се повредени.

Нападите уследија и откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ги засили нападите врз Украина како одговор на неодамнешните напади на Украина на руска територија, односно на градот Белгород.

Во своето ноќно обраќање вчера украинскиот претседател Зеленски рече дека Русија во текот на истиот ден истрелала речиси над сто проектили од различни типови.

Според него, нападите биле „конкретно насочени од непријателот да предизвикаат што е можно поголема штета“.

Украинската амбасадорка во САД, Оксана Маркарова, подоцна во изјава за Би-би-си изјавила дека неодамнешното руско бомбардирање не било изненадување посочувајќи дека на Украина ѝ е потребно повеќе оружје за да одговори и да ѝ испрати јасна порака до Русија да престане со агресијата.

Back to top button
Close