Рускиот опозиционер Навални разбуден од вештачка кома
– Рускиот опозиционер Алексеј Навални излезе од вештачка кома и во „фази“ ќе биде симнат од апаратот за вештачко дишење, соопшти денеска берлинската болница.
Навални, кој беше отруен со невротоксичен агенс од типот Новичек „реагира кога му се зборува“, информира болницата во која е хоспитализиран рускиот опозиционер од 22 август.
Неговата „здравствена состојба … е подобрена“, истакнуваат од болницата, но исто така додаваат дека „не се исклучечни“ долгорочни последици од „тоа тешко труење“, пренесува Бета.
Според германската Влада, Навални „недвосмислено“ е отруен со нервен агенс од типот Новичек, супстанца позната од времето на Советскиот Сојуз, која се користела во воени цели.
Берлин и другите западни земји ги обвинуваат руските власти за труењето и бараат објаснување.
Германската канцеларка Ангела Меркел не исклучува последици по проектот за гасоводот „Северен тек 2“ доколку Москва не ги обезбеди очекуваните одговори за труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални, изјави денеска нејзиниот портпарол.
Русија му забележува Берлин за „одложување на истражниот процес што го бара“ и за доставување само на делови од случајот.
Руското обвинителство и полицијата ги почнаа своите истраги на првиот ден од хоспитализацијата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во Омск на 20 август, а руското обвинителство побара од Германија да објави информации за медицинските испитувања на рускиот блогер и прелиминарните дијагнози до кои е дојдено. ссм/