Руските сили напредуваат во нов украински регион
Руските трупи навлегле во регионот Дњепропетровск во централна Украина, соопштија денеска украински воени аналитичари.
Експерти од службата за ситуациона мапа „Дипстејт“ ги означија градовите Запориске и Новохеорхијивка во регионот како окупирани од Русија, пренесе ДПА.
Москва со недели зборуваше за напредување во областа западно од силно оспоруваниот регион Доњецк. Украинската армија ги негираше последните тврдења.
– Украинските вооружени сили го запреа напредувањето на руските освојувачи и продолжуваат да го контролираат селото Запориске, објави на Телеграм воената група „Дњепар“ одговорна за тој дел од фронтот.
Се вели дека борбите за соседното село Новохеорхијивка продолжуваат.
– Информациите за окупацијата на двете локации од страна на Русите не соодветствуваат со фактите, нагласи војската.
Според други извештаи, Украина денеска признала дека руската војска влегла во областа Дњепропетровск на истокот од земјата, каде што Москва тврди дека напредува од јули оваа година.
– Тие влегоа на таа територија и борбите во моментов продолжуваат, изјави портпаролот на украинската војска, Виктор Трегубов, пренесе Бета.
Киев досега негираше какво било напредување, па дури и упад на руската војска во областа Дњепропетровск.
Во меѓувреме, воените ветерани и активните војници сè почесто ги критикуваат командантите за пишување разубавени извештаи за ситуацијата, што значи дека военото раководство не е секогаш свесно за вистинската состојба, пишува ДПА
Руските трупи напредуваат во источна Украина со месеци и сега ги достигнаа јужните граници на регионот Доњецк.
Подалеку на северозапад, сепак, силите на Москва напредуваат бавно, во голема мера задржани од синџир од големи утврдувања.
Според медиумските извештаи, рускиот претседател Владимир Путин го постави предавањето на оваа територија како услов за замрзнување на линијата на фронтот на друго место.