Руските служби спречиле атентат на рускиот митрополит Тихон, личен духовник на Путин

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) уапсила две црковни лица во Москва, осомничени дека планирале убиство на кримскиот митрополит Тихон Шевкунов, кој се смета за близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Ројтерс.

 EPA-EFE/SPUTNIK/KREMLIN POOL / POOL MANDATORY CREDIT

Се претпоставува дека уапсените извршувале налог на украинската разузнавачка воена служба. Засега нема реакција од официјален Киев за тврдењето на руската безбедносна служба.

Според соопштението на руската служба, приведени се двајца мажи, за кои се смета дека се регрутирани од украинското воено разузнавање, а запленета е и импровизирана експлозивна направа.

Еден од мажите е руски свештеник во црква во Москва, а другиот работел како помошник на Шевкунов.

Според исказите на уапсените, како што пренесува Ројтерс, планот бил да постават бомба во зграда на манастирот „Сретенски“ во Москва од 14 век, каде што понекогаш престојувал и Шевкунов. Им била испорачана и бомба од домашно производство, со цел да го извршат нападот.

Целта им бил Тихон Шевкунов (66), кого руските медиуми со години го опишуваат како личен духовен водач на Путин.

Според Ројтерс, двајцата уапсени го признале планот за атентат.

Митрополитот Шевкунов се познава со Путин од доцните 1990-ти години. Во 2023 година Шевкунов е назначен за митрополит на Крим.

Од Синодот на Руската православна црква (РПЦ) изјавија дека се застрашувачки плановите на Киев да го убие митрополитот.

„Дали е чудно што тие се обидуваат да го направат истото што го направија во Украина – да ја уништат црквата? Безбожноста е она што ги мотивира оние кои се обидуваат да го убијат и прогонуваат свештенството“, се вели во соопштението на РПЦ.

Украина ја презеде одговорноста за голем број атентати во Русија од почетокот на војната, а последниот е за убиството на Игор Кирилов, шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита, извршен во декември минатата година.

Back to top button
Close