Русковска добива 5 нови обвинители, згаснуваат обвинителствата во Тетово, Прилеп и Битола

Советот на јавни обвинители донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители за плус пет во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, со што ова обвинителство ќе брои 18 обвинители заедно со шефицата Вилма Русковска.

„Според обемот на работа предвидениот број на јавни обвинители е далеку од потребите на обвинителството, за што обвинителството достави барање до Советот на јавните обвинители да се прошири Одлуката за определување на бројот на јавните обвинители за уште осум јавни обвинители, со што бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ​ќе изнесува 21 јавен обвинител“, велат од обвинителството, кое доби 5 нови обвинители, или 3 помалку од бараните 8.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, посочува дека систематизацијата е направена согласно обврските од Законот за јавно обвинителство и така е утврден бројот на обвинители кои се потребни во сите обвинителства. Но, според него, недостасуваат обвинители бидејќи Академијата ќе произведе нов кадар за две години.

-Недостига кадар во речиси сите обвинителства. Констатиравме колку обвинители треба да има во секое обвинителство, но, сега и да сакаме да го прошириме бројот на обвинители, ситуацијата не ни дозволува оти нема кадар. Нови обвинители ќе имаме од Академијата дури за две години. И за организиран криминал донесовме одлука за петмина, сега ќе следува оглас па да видиме дали некој ќе се пријави – вели Колевски.

Тој најавува дека поради ваквата ситуација можно е затворање на обвинителствата во Тетово, Прилеп и во Битола, кои немаат доволен јавнообвинителски кадар.

Back to top button
Close