Русковска го оспорува надзорот на Јовески: Не може да се меша во конкретни предмети

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминалВилма Русковска го оспорува извештајот изготвен од Јавното обвинителството на Љубомир Јовески во однос на претресот во Управата за финансиска полиција.

Русковска за Алсат вели дека јавниот обвинител нема законско право да се меша во постапувањето по конкретен предмет, откако од ОЈО соопштија дека констатирале неправилности кај обвинителите што извршија претрес на работата на директорот на УФП Арафат Муареми.

Оттаму додаваат дека од обвинителите биле побарани одредени информации, но Русковска негира дека и таа била повикана да даде изјава.

Од ОЈО информираа дека лицата од Управата над кои се вршел претресот имаат полициски овластувања, па затоа за нив може да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.

Според Русковска, пак, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата.

Во секој случај, додава таа, предметот може да се презаведе од еден уписник во друг и тоа е законски.

Во однос на тоа дека од ОЈО утврдиле неправилности и при барањето за претрес, што го одобрил надлежниот судија, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал вели дека Судот е тој кој одлучува дали има основи за издавање наредба за претрес.

-Тоа дали има основи за издавање наредба за претрес одлучува Судот, не јавниот обвинител. Доколку некој сметал дека претресот е незаконит, можел да вложи жалба до Кривичниот совет на Судот. Колку што ми е познато, таква жалба не е вложена – вели Русковска.

Back to top button
Close