Русковска: Ме загрижува незаинтересираноста на обвинители да работат во ОЈО за гонење организиран криминал

Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вели дека е изненадена што нема заинтересираност од обвинители да се пријават за работа во обвинителството со кое таа раководи.

Како пример таа го спомена последниот оглас за четворица обвинители што го распиша Советот за јавни обвинители бидејќи истекува мандатот на тројца актуелни обвинители.

„Имаше оглас за четворица обвинители во ова обвинителство и на мое големо изненадување само шестмина се пријавија меѓу кои и две колешки на кои им истече мандатот. Некако ме загрижува, да кажам, незаинтересираноста на колеги обвинители да работат во ова обвинителство и покрај тоа што направив голем напор. Имаме најголеми плати во јавнообвинителската организација како обвинители, но и покрај тоа многу мала заинтересираност – рече Русковска.

ОЈО за гонење организиран и криминал, вели таа, треба да има 20 обвинители, но функционира со шест помалку. Сепак, според Русковска, тоа не влијае многу на работата.

„Сметам дека не влијае многу затоа што стварно колегите даваат максимум од себе, се останува и после работното време затоа што има многу судења, знаете дека според Законот за кривична постапка истрагите ги водат обвинителите… Со големи напори од страна на колегите сме доста ажурни – изјави обвинителката.

Во изјавата за медиумите таа зборуваше и за актуелната истрага за поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири, велејќи дека таа сè уште е во тек, но немаше конкретни информации дали е при крај. За притворот, како што рече, ќе се бара продолжување.

Зеќири заврши во притвор на 9 април како осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувања. Во случајот осомничени се и двајца хрватски државјани, а се однесува на злоупотреби во врска со склучување договор за консултантски услуги односно за изработка на физибилити студија за „Пошта на Северна Македонија“.

Мерката ефективен притвор на Зеќири, пред околу една недела со одлука на Апелацискиот суд во Скопје беше заменета со домашен притвор.

За Зеќири и за неговиот претходник на функцијата, Драги Рашковски, пред еден месец Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) поднесе и иницијатива до обвинителството со кое раководи Русковска за кривично гонење.

Иницијативата, рече денеска обвинителката, е стигната и по неа се постапува, но сè уште нема одлука со оглед дека во прашање е многу краток период.

„Иницијативата од ДКСК стигна. Се постапува, сè уште нема одлука, многу е краток периодот откако е стигната иницијативата. Ние по сите иницијативи постапуваме и многу сериозно ги сфаќаме – рече Русковска.

ДКСК го оформи предметот, како што објаснија, бидејќи сметаат дека има основа со оглед на објавата во медиумите дека Владата за потребите на Генералниот секретаријат заради извршување специфични ангажмани врз основа на авторски договори ангажирала поголем број физички лица надвор од редот на вработените, при што биле исплаќани хонорари кои само за еден месец изнесувале над 37 000 евра односно над еден милиони евра за 2019 и 2020 година.

 

Back to top button
Close