Русковска: Следната недела ќе покренеме обвинение за „Плацовите на Водно“
На почетокот на следната недела се очекува до Кривичниот суд да биде доставено обивинението за случајот „Плацеви на Водно“, најави шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во вечерашното интервју за „360 степени“.
„Плацовите на Водно“ како посебен предмет произлезе од случајот „Империја“. На листата осомничени за плацовите се шестмина, меѓу кои – Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева, Сашо Мијалков…
Русковска вели дека во обвинението е опфатен и Груевски, бидејќи тој веќе бил испитуван за овој случај.
„Во овој случај тој веќе бил испитуван за околноста перење пари и има дадено свој исказ, така што обвинението ќе биде и за него. Истрагата нема да биде прекратена како што е во случајот со ’27 април’“, рече Русковска.
Истрагата за случајот „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани и, според наводите од обвинителството, во периодот од 2006 до 2012 година со пари од членарина и партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни парцели на Водно односно земјиште од 11 000 квадратни метри.
Оваа истрага неодамна се прошири, се вршеа претреси во зграда на Бихаќка, а потоа беше соопштено дека се откриени два нови стана и уште еден плац од 3 000 квадратни метри на Водно, кои се сметаат за сопственост на Груевски. Тој имот е замрзнат.