Рустеми меѓу осомничените за злоупотреби на тендер со патарини. Судот му одреди мерки на претпазливост
Скопскиот Кривичен суд му определи мерки на претпазливост на Ејуп Рустеми, откако беше уапсен поради сомнение за злоупотреби при набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 патарини на Јавното претпријатие за државни патишта. Се сомнева дека штетата на буџетот е над 760 илјади евра. Обвинителството во истрагата опфати и уште 4 лица, и тоа раководителот на Секторот за наплата и контроли, Дрилон Зибери, помошникот директор за одржување на патиштата, Ејуп Латифи, но и Џемал Билбиловски, сопственик на приватната агенција од Кичево „2СС“ која ги обезбедувала патарините.
Сопственикот на агенцијата, според обвинителството, е осомничен за „Злоупотреба на тендерската постапка“ по член 275-в од Кривичниот законик, додека останатите четворица осомничени меѓу кои и Рустеми се осомничени за „Злоупотреба на службена должност и овластување“ и за кривично дело „Фалсификување службена исправа“.
“Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 08.08.2022 година со кој осомничениот управител на Агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување” – ЈО Скопје.
Директорот Рустеми имал обврска да обезбеди законитост во работата и спроведување на прописите, статутите и другите акти, како и да провери дали спроведувањето на договорот е во согласност со условите, но според Обвинителството тој не ја извршувал таа должност и не вршел надзор иако знаел дека не се вршело 24-часовно обезбедување.
Ова не го направиле ниту другите двајца осомничени, раководители на сектори.
“На овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари и со тоа нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта” – ЈО Скопје.
Неофицијално, се очекува истрагата да се прошири и да опфати и други лица во други институции. Рустеми беше висок партиски функционер на ДУИ, беше пратеник, но и директор на Пошта.