Руте: Членството на Украина во НАТО засега не е на дневен ред


Идејата за приклучување на Украина кон НАТО во моментов не е на дневен ред, но западните сојузници ќе настојуваат на Киев да му обезбедат сигурни безбедносни гаранции, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

Според него, во рамки на потенцијалниот мировен аранжман не се води расправа за формално членство на Украина во Северноатлантската алијанса, туку фокусот е ставен на моделите кои би обезбедиле долгорочна безбедност на земјата.

„Во овој момент нема разговори за членство во НАТО во рамки на мировниот договор; прашањето е дали ќе бидат обезбедени сигурни безбедносни гаранции“, порача Руте.

Западни медиуми оценуваат дека ваквата позиција претставува отстапување од претходните сигнали, кога на самитот во Букурешт во 2008 година беше наведено дека Украина и Грузија „еден ден ќе станат членки“.

Руте нагласи дека американскиот претседател Доналд Трамп го отстранил прашањето за украинското членство од преговарачката маса, потенцирајќи дека приоритет треба да биде зајакнувањето на воените капацитети.

Генералниот секретар потсети дека НАТО со години систематски го зајакнува военото присуство на источното крило преку мултинационални контингенти кои помагаат во одбраната на Летонија, Естонија, Полска и Литванија, како дел од стратегијата за одвраќање.

Back to top button
Close