Руте: НАТО на самитот покажа дека е посилен од кога било


НАТО покажа дека е посилен од кога било на „повеќе од успешниот“ самит во Анкара, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, истакнувајќи дека самитот зрачел со „големо чувство на единство“.

Зборувајќи на прес-конференција во рамките на самитот, Руте рече дека НАТО се „ребалансирал на подобро“ и додаде дека сојузниците ја потврдиле „непоколебливата поддршка“ за Украина.

Како што наведе, потврдена е и поддршката за членот 5, кој предвидува дека вооружениот напад врз една членка ќе се смета за напад врз сите, и дека останатите земји имаат обврска да одговорат на нападот.

Според него, американскиот претседател Доналд Трамп е „генерално во право“ кога предупредува дека е потребно да се брани подрачјето на Арктикот, истакнувајќи дека тие двајца се договориле НАТО да ги засили активностите во таа област.

– Одделно, постојат тристрани разговори меѓу Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд за нивните односи – рече Руте, нагласувајќи дека тоа е посебен процес во кој тој не учествува.

На прашањето за следниот самит на НАТО, тој потврди дека ќе се одржи во Албанија, но дека „точното време“ дури допрва треба да се одреди.

Руте претходно изјави дека Трамп бил во право што вршел притисок врз земјите членки да ги зголемат трошоците за одбрана, што ги навел да ги модернизираат своите војски и што ја почнал војната со Иран.

– Американскиот претседател беше во право. Едноставно ми се допаѓа тој човек. Мислам дека она што го прави за НАТО е одлична вест – рече Руте.

На прашањето за јавните критики на Трамп кон Алијансата, Руте го спореди тоа со ситуација во семејство.

– Отсекогаш сум сметал дека семејствата во кои понекогаш имате искрени односи, а понекогаш малку се расправате, се многу посилни од семејствата каде што сè е само убаво. Тоа е малку лажно. Сакам кога понекогаш меѓу пријателите можете да се скарате, бидејќи тоа е можно. Тоа ве прави посилни. А претседателот Трамп не е личност која своите ставови ги чува за себе – смета Руте.

Back to top button
Close