Руте: Новиот инвестициски план на НАТО ќе поттикне квантен скок во колективната одбрана
На денешниот Самит во Хаг сојузниците ги поставија темелите за посилно, пофер и поопасно НАТО со тоа што се согласија за нов План за инвестиции во одбранбениот сектор што ќе поттикне квантен скок во нашата колективна одбрана, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на заседанието на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави или влади во рамки на собирот на врвот во холандскиот главен град.
– Лидерите се согласија да ги зајакнат нашите одбранбени индустрии, што не само што ќе ја зголеми нашата безбедност, туку ќе создаде и работни места. Ја потврдивме и нашата непоколеблива поддршка за Украина. Сето ова е клучно, истакна Руте, нагласувајќи дека со ова е поставена траекторија што ќе ни обезбеди можност на сојузниците да ја заштитат својата слобода и безбедност во иднина.
Според него, на овој начин, без оглед на предизвиците – Русија, тероризам, кибер напади, саботажи или стратешка конкуренција – Алијанса е и ќе остане подготвена, спремна и способна да ја брани секоја педа од територијата на сојузниците и да обезбеди нејзините една милијарда граѓани да можат да продолжат да живеат во слобода и безбедност.
– Овие одлуки ќе имаат длабоко влијание врз нашата способност да го правиме она за што е основа на НАТО – да одвраќа и да се брани. Клучната одлука во тој поглед е усвоениот Хашкиот план за инвестиции во одбраната, истакна Руте.
Тој нагласи дека со овој план, земјите членки на НАТО се согласиле во одбраната да инвестираат средства на ниво од пет отсто од БДП, како одговор на значајните закани за колективната безбедност. Од таа сума, најмалку 3,5 отсто од БДП ќе бидат инвестирани за опремување на вооружените сили и за набавка на противвоздушна одбрана, муниција, беспилотни летала, тенкови и друга опрема, а 1,5 проценти за инвестиции за поддршка на одбраната и безбедноста
– Сето ова е за да се осигури дека можеме ефикасно да одвраќаме агресија и да се браниме себеси и едни со други, доколку некој направи грешка да нападне, рече Руте.
Според него, сојузниците ја препознаваат сериозноста на заканите со кои се соочуваат и денешниот амбициозен договор за зголемување на трошоците за одбраната е доказ дека тие се единствени во ставот оти треба да се засилат за да останат безбедни.
Руте нагласи дека американскиот претседател Доналд Трамп на Самитот потврдил дека САД се посветени на НАТО, но дека очекуваат европските сојузници и Канада да придонесат повеќе во рамки на Алијансата.
– И гледаме како го прават токму тоа. Европските сојузници и Канада ќе ја преземат голема обврска, изедначувајќи ги своите трошоци и преземајќи поголема одговорност за нашата заедничка безбедност, рече Руте.
За таа цел, според него, потребно е „засукување на ракавите“ за претворање на овој нов план во реалност и брзо проширување на одбранбениот индустриски капацитет од двете страни на Атлантикот.
– Ни треба и квалитет и квантитет. Треба да вложуваме во иновации и треба брзо да дејствуваме. Затоа ќе продолжиме со нашата работа за уривање на бариерите. Ќе ги искористиме нашите партнерства со Европската Унија, со Украина и во Индо-Пацификот за да ја поттикнеме соработката во одбранбената индустрија. Исто така, постојат големи економски придобивки со потенцијал за буквално милиони дополнителни работни места низ Алијансата, истакна Руте.
Тој порача дека овие одлуки не само што ќе го направат НАТО многу посилен, туку тој ќе стане и пофер во распределбата на одговорноста за заедничка безбедност.
– Решението на сојузниците е јасно. Ние сме заедно во ова. Посветени на Членот 5. И ние сме решени да стоиме цврсто. Никој не треба да се сомнева во нашиот капацитет или решителност доколку нашата безбедност биде доведена во прашање, порача Руте.
Тој додаде дека Алијанса и натаму цврсто стои покрај својот сосед и партнер Украина, која има континуирана поддршка со цел да биде способна за борба денес и да може да ужива во траен мир во иднина.
– Ние стоиме зад Украина во нејзината желба по мир и ќе продолжиме да ја поддржуваме на нејзиниот неповратен пат кон членство во НАТО, потенцира Руте.