Руте: Се намалува бројот на војници на КФОР


Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска изјави дека ќе биде намален број на војници во мировната мисија на Алијансата во Косово (КФОР) и ќе има од 3.000 до 3.500 војници.

Тој наведе дека намалувањето на бројот на војници на КФОР е позитивно, бидејќи ситуацијата во Косово континуирано се подобрува.

– Во моментов, КФОР има околу 4.700 војници. Она што ќе го направиме е да се вратиме на нивото од пред 2023 година. Секако, во зависност од околностите, ќе го видите КФОР со 3.000 или 3.500 војници. Мислам дека ова ја одразува подобрената безбедносна состојба, додека мисијата на КФОР, секако, останува апсолутно фокусирана на својата основна мисија, посочи Руте.

Во 2023 година поради тензиите во северниот дел на Косово, каде што мнозинството од населението го сочинуваат Срби, НАТО распореди речиси илјада дополнителни војници.

НАТО и КФОР остануваат посветени на безбедноста во Косово, посочи Врховниот командант на сојузничките сили во Европа. Токму оваа посветеност доведе до зголемување на стабилноста, додека безбедносните организации во Косово станаа поспособни. Сегашните услови даваат можност за оптимизација на големината и распоредувањето на КФОР, посочи врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот на воздухопловните сили на САД, Алексус Гринкевич.

Back to top button
Close