С Македонија испраќа дополнителни 36 припадници на Армијата и 32 лица од ДЗС во Турција

Владата на 128. Седница одржана денеска донесе одлука за испраќање на дополнителна помош во Турција по катастрофалниот земјотрес што во понеделникот ја погоди земјата, а однесе голем број жртви и предизвика сериозна материјална штета и во соседна Сирија.

Припадници на Армијата на Република Северна Македонија веќе помагаат во спасувачките операции во регионите погодени од земјотресот во Турција/Фото: Армија на Република Северна Македнија
Како што соопштија од владината прес-служба попладнево, на предлог на Министерството за одбрана донесена е одлука за испраќање на нови 36 припадници на Армијата на Република Северна Македонија, односно Батаљон за специјални операции кој ќе учествува во хуманитарната операција во Турција.

Покрај тоа, на владината седница е одлучено како помош за санирање на последиците од земјотресот да бидат испратени нови 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување.

„Се испраќа, според информацијата од Дирекцијата за заштита и спасување, и комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини, 10 возила за транспорт на опремата и луѓето“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Инаку, припадници на Армијата на Северна Македонија веќе има во регионите во Турција, погодени од земјотресот , каде помагаат во спасувачките операции.

Како што објавија од Министерството за одбрана, станува збор за 22 припадници на Баталјонот за специјални сили, во чиј тим се и две кучиња обучени за трагање, како и двајца водачи.

Од Армијата објавија и фотографии на кои се гледа како тие копаат по урнатините во Турција и го расчистуваат теренот за да се пронајдат затрупани лица од под урнатите згради.

Back to top button
Close