Сѐ поголем револт на улиците во Србија

И покрај температурите под нулата, повеќе од педесет илјади студенти и граѓани (според Архивот на јавни собири) протестираа синоќа (17.01) пред зградата на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград. Под слоганот „Нашето право да знаеме сè”, толпата изрази незадоволство од начинот на кој јавниот медиумски сервис известува за состојбата во Србија.

Протестот започна со петнаесетминутен молк поради 15-те загинати при уривањето на настрешницата во Нови Сад, во текот на кој насобраните го надополнија ефектот на тишина со светлосни ефекти од телефонски блицови.

„Пуштете нѐ во живо“ одекнуваше низ толпата во текот на емитувањето на националниот дневник.

Меѓу бројните транспаренти се вееја српски тробојки, буката од свирежи, вувузели и удирање по садови се слушаше во радиус од неколку километри, а протестот го одбележа и голема макета на сендвич со слика од двесте евра, наменета за генералниот директор на РТС, Драган Бујошевиќ.

По завршувањето на протестот, студентите се вратија на своите факултети кои од почетокот на декември се под целосна блокада.

Повеќе изолирани напади врз студенти

Ова беше само еден од низата собири низ Србија оваа недела, одржани како форма на изразување на незадоволство поради нападите врз студентите во блокада.

Во петокот (17.01), за време на протестот во Нови Сад, постар маж со нож ја нападна толпата, додека ден претходно, студентка од прва година на Правниот факултет беше удрена со автомобил во текот на петнаесетминутната блокада од страна на М.П., кој ѝ нанесе повеќе повреди.

Ноќта меѓу 13-ти и 14-ти јануари група млади ги нападнале студентите на Правниот факултет во Белград, каде покрај остри зборови, кон нив биле фрлени и стаклени шишиња.

Србија протести Белград
Голем „сендвич“ на протестите пред РТС, 17.01.2025. Фотографија: Iva Manojlović/DW

Студентот Марко доаѓа да протестира против корупцијата

Марко, студент на универзитетот во Белград, за ДВ вели дека нападите врз идните адвокати, чиј факултет „има релевантност во целиот процес и е одговорен за прегледување на документацијата поврзана со уривањето на настрешницата“, се исто така симболичен показател дека тие вршат „добра работа, штом на вака неправеден и насилен начин се обидуваат да нѐ исплашат“.

За него главната причина поради која пред еден месец решил да се приклучи на блокадата е корупцијата.

„Иако настрешницата е капка во полна чаша, таа ја покажува целата корумпираност на овој систем. Неделувањето на институциите дополнително ги ‘потпалува’ студентите, што кај нас буди незадоволство и ни дава мотив да продолжиме“, вели овој белграѓанец.

Србија протести во Белград
Протести во Белград, 17.01.2025. Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Студентката Јована вели: „Никаде не се чувствувам безбедно“

Нападите врз студентите во последните денови создадоа атмосфера на страв кај српските граѓани, а, како што објаснува Јована Илиќ од Параќин, студентка на Земјоделскиот факултет во Белград, небезбедноста е еден од мотивите поради кои таа не се откажува од блокади.

„Никаде не се чувствувам безбедно. Затоа мотото на нашиот факултет е ‘Гнило до срж’, затоа што е неопходно да се промени системот во кој живееме. Сакам да останам во Србија, да имам семејство овде и од истите причини сите мои колеги сакаат подобри животни услови“, вели таа за ДВ.

Солидарноста, заедништвото и емпатијата, објаснува таа, ѝ ја враќаат надежта дека нивната борба не е залудна, а целиот притисок што доаѓа од оние што се против протестите го дефинира како последица на медиумскиот мрак.

Србија Јована Илиќ протести
Јована Илиќ со транспарент: „Нема поправен рок за правдата“. Фотографија: Iva Manojlović/DW

Со тоа се согласува и Марко, кој забележува дека луѓето кои во семејството немаат студенти или млади луѓе за да ги информираат, „не се доволно свесни ниту кои се нашите основни цели, а камоли зошто е таков тип на борба. Мислам дека тие едноставно не се доволно разбудени“.

Разочарувањето од промените што се случија во 1990-тите, вели тој, ги навело да се сомневаат во сѐ, „бидејќи кој се изгорел од жешко млеко, дува и на ладен јогурт“.

Мирко (татко на студентка): „Нештата треба да се нарекуваат со име“

Студентите кои не ги поддржуваат блокадите не сакаа да зборуваат за ДВ, но родителот на една студентка со задоволство го стори тоа, опишувајќи ги блокадите на улиците како „сè повеќе политички обоени“.

„Ако студентите се борат за стандард, за подобро утре во науката, во секоја сфера од животот, јас секогаш ќе ги поддржувам, но блокадите на факултетите кои се прелеваат на улица апсолутно треба да се избегнуваат, како за безбедноста на студентите, така и за безбедноста на сите граѓани“, вели за ДВ Мирко Т.

Тој посочува дека „автономијата на факултетот во амфитеатарот не значи автономија на Славија или пред РТС“, и дека е важно работите „да се нарекуваат со нивното вистинско име“:

„Ако овие протести доведат до промена на државниот апарат, апарат што јас не го поддржувам – тогаш тоа треба отворено да се каже, но треба да се каже и што ќе се случи ден потоа. Ако не го знаат тоа, нека не го прават тоа што го прават“, смета Мирко.

Србија протести пред РТС во Белград
Протести пред РТС во Белград, 17.01.2025. Фотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Политикологот Стаменковиќ: „Медиумите создадоа слика за студентите како државни непријатели“

Токму медиумските пораки што ги пласира власта ги охрабрија граѓаните да ја земат правдата во свои раце и „кај некои луѓе веќе создадоа слика за студентите како државни непријатели“, смета Виктор Стаменковиќ, докторант на Факултетот за политички науки во Белград.

Тој напоменува дека ако секој ден „преку таблоидите и националните телевизии студентите се нарекуваат странски платеници, усташи, разузнавачи, им се објавуваат пасошите и се оправдуваат луѓето кои ги прегазуваат со автомобили, владата веќе не мора да организира напади – дел од граѓаните незадоволни  од блокадите сами ќе го направат тоа, зашто е создаден наратив дека тоа е оправдано“.

Стаменковиќ е уверен дека сѐ поагресивните напади не се во интерес на власта, бидејќи „будат и позитивни чувства кон студентите кај оние гласачи кои можеби немале дефиниран став за блокадите“.

Генерален штрајк најавен за 24 јануари

Стаменковиќ единствениот излез од актуелната кризна состојба го гледа во исполнување на барем дел од барањата на студентите, а тоа ќе зависи, како што објаснува, од тоа кои социјални групи ќе им се придружат на студентите, бидејќи за 24 јануари е најавен генерален штрајк. .

„Власта преку низа погрешни одлуки во менаџирањето на оваа ситуација се стави во многу тензична позиција, бидејќи, од една страна, порано или подоцна ќе мора да попушти пред барањата на студентите и граѓаните, но мора да најде начин да го стори тоа на начин што нема да ги загроози своите основни темели“, истакнува Стаменковиќ за ДВ.

Србија протести во Белград
Протести во Белград, 17.01.2025. Фотографија: Oliver Bunic/AFP via Getty Images

Сепак, „пронаоѓањето рамнотежа помеѓу исполнувањето на барањата и зачувувањето на моќта се чини дека станува сè потешко како што поминува времето“, заклучува тој.

Јована: „Ова е најважниот испит во моментов“

Иако не веруваат дека се оправдани приказните за неможноста да се заврши учебната година, бидејќи тие не доаѓаат од професори, туку од владини претставници, студентите велат дека се подготвени да се жртвуваат, доколку тоа е цената што треба да ја платат за подобро утре.

„Сите сакаме да полагаме испити и да завршиме факултет, но ова е најважниот испит во моментов“, вели Јована.

А Марко оценува дека „промената е веќе започната и колку повеќе луѓе доброволно и од срце се приклучат на ова, толку полесно ќе направиме поквалитетна промена“.

Студентите продолжуваат со блокадите, како што велат, до исполнување на четири поставени барања – објавување на целосна документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против студентите и младите уапсени и приведени за време на протестите, поднесување кривични пријави против напаѓачите на студенти и професори и нивно судско гонење, како и зголемување на буџетот за високото образование за 20 отсто. (DW)

Back to top button
Close