Сѐ повеќе чипирани кучиња фрлени на улица: „Лајка“ алармира за сериозен колапс во одговорното сопствеништво
ЈП „Лајка“ алармира дека во последниот период е забележан сериозен пораст на случаи во кои на улица се пронаоѓаат кучиња со активен микрочип, односно со јасно евидентирани сопственици. И покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите миленици, оставајќи ги во прифатилиштето и создавајќи дополнителен притисок врз веќе ограничените капацитети.

Од јавното претпријатие информираат дека само во последните денови биле заловени најмалку девет кучиња со регистрирани сопственици, за кои е утврдено дека биле намерно напуштени. Од „Лајка“ предупредуваат дека секое такво животно претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што директно ја зголемува бројката на напуштени кучиња и го продлабочува проблемот во заедницата.
Иако Законот за заштита и благосостојба на животните го забранува напуштањето миленици, за ваквите случаи не постојат конкретни прекршочни одредби кои би ги санкционирале сопствениците што свесно ги оставаат своите кучња на улица. Од „Лајка“ посочуваат дека токму поради ова законско празнина, голем број чипирани кучиња завршуваат во прифатилиштето како скитници.
Оттаму додаваат дека, и покрај немањето јасен санкциски механизам, секој сопственик има минимална морална и етичка обврска кон животното. „Ако сте решиле да чувате куче, преземате одговорност – микрочип, име, адреса, но и грижа,“ порачуваат од претпријатието.
Од „Лајка“ апелираат дека сопствениците кои повеќе не можат да се грижат за своите миленици се должни да побараат помош, да контактираат прифатилиште или да најдат соодветен нов дом, но никако да не ги оставаат животните на улица.
Прифатилиштето ќе продолжи да делува во рамките на своите надлежности, но повторно укажува дека оставените чипирани кучиња се доказ за потребата од засилување на системските решенија и подигнување на јавната свест за одговорно сопствеништво.
Пораката е јасна: напуштањето не смее да биде опција. Секој микрочип значи одговорност – кон животното, кон соседството и кон заедницата.






