Сајкоски-Комисијата за избори и именувања не е надлежна самата да презема нешто околу интерпелацијата за Даути
Денеска од Левица рекоа дека ќе чекаат неколку дена да се произнесе „Европскиот фронт“ од чии редови е Даути и да видат дали таа ќе поднесе оставка од функцијата, а доколку тоа не се случи, ќе поднесат предлог за нејзино разрешување до Комисијата за прашања на изборите и именувањата
Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е надлежна самата да презема нешто во врска со интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, вели претседателот на ова собраниско работно тело, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој додава дека досега Комисијата за прашања на изборите и именувањата нема добиено никакво известување.
„Во заклучокот од Собранието се кажува дека наводите во интерпелацијата се основани, односно дека со 61 пратеник, претседателот на Комисијата е разрешен, во случајот Даути, бидејќи не ги исполнила деловничките одредби. Тоа е она што е суштината. Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е надлежна самата да презема бидејќи не е ни повикана. Чекаме следни чекори од пратеничките групи“,вели Сајкоски во изјава за МИА.
Според Сајкоски, интерпелацијата е висок морален чин на секој именуван функционер кој не ја исполнува законската обврска, односно смета дека Даути треба самата да си поднесе оставка.
Претседателката на Комисијата, Илире Даути вчера во пишана изјава до медиумите рече дека според донесениот заклучок изгласувањето на интерпелацијата значи нејзино разрешување или дејствување под
диктат на Левица.
Таа вели дека соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомнева дека ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка.
Интерпелацијата за Даути, која во ноември ја поднесе Левица, а се најде на првата пленарна седница на законодавниот дом во новата година, ја поддржаа 61 пратеник. За интерпелацијата покрај пратеници на Левица гласаа и нивни колеги од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Денеска, пак, од Левица рекоа дека ќе чекаат неколку дена да се произнесе „Европскиот фронт“ од чии редови е Даути и да видат дали таа ќе поднесе оставка од функцијата, а доколку тоа не се случи, ќе поднесат предлог за нејзино разрешување до Комисијата за избори и именувања.
„Ние мислиме дека е коректно на Даути да ѝ се даде неколку денови, со оглед на тоа дека Европскиот фронт најави дека до четврток ќе излезе со соопштение што ќе прават дали ќе ја заменат или слично. Коректно е да ѝ се даде неколку денови таа доблесно да си даде оставка, затоа што нема никаква логика да продолжи да работи како претседателка на Комисијата, кога апсолутното мнозинство во Парламентот со 61 пратеник изгласале наводи коишто ја теретат дека работи неделовнички, незаконски и неуставно“,изјави за МИА пратеникот Борислав Крмов од „Левица“.
За да ја предложи Европскиот фронт повторно, Крмов нагласи дека потребно е таа да биде разрешена. Според него, поделени се мислењата во „Европскиот фронт“ во врска со Даути.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми во изјава за МИА вели дека Даути ужива целосна поддршка од пратеничката група на Европскиот фронт, како и целосна политичка поддршка.
На прашањето дали се очекува Европскиот фронт да одржи состанок на кој ќе одлучи во врска со тоа дали Даути ќе остане, ќе се повлече или, пак, можеби повторно ќе биде предложена од страна на Европскиот фронт за претседателка на Комисијата, Адеми не прецизираше.
По прозивките од дел од партиите и барањето одговори од новинарите што по изгласувањето на интерпелацијата на претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, попладнево од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши излегоа со став дека неговата улога како собраниски спикер завршила со крајот на процесот на интерпелација.
За прашањата за разрешување или оставки, Гаши упатува на Комисијата за прашања изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците.
До денеска, вели тој во писменото соопштение од неговиот кабинет, не добил официјално известување за оставка од ниту еден претседател на комисија.
Интерпелацијата на Даути, за која собраниското мнозинство се изјасни дека е основана, беше поднесена затоа што, како што образложи пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, таа како претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади со нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување ја кочела постапката за носење на Законот за бранители со тоа што одби да го стави на дневен ред на Комисијата
Даути во своја одбрана од собраниската говорница рече дека целта на интерпелацијата е демонстрирање сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат поинаку. Таа повтори дека Законот за бранители никогаш нема да дојде на дневен ред ако еднакви права не добијат и припадниците на ОНА.