Сајкоски: Започнати се преговорите со партнерите за реконструкција на Владата, дел од нив ги доставија барањата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, на седницата во петокот го информирал Извршниот комитет на партијата дека се започнати преговори со партнерите во Владата во врска со најавената реконструкција и дека дел од нив доставиле свои барања.
Ова го кажа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски, во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во централниот „Дневник“ на ТВ Сител, наведувајќи дека, според тоа што ги информирал лидерот, преговорите се во почетна фаза и ќе продолжат во наредниот период.
„Од она што претседателот (Христијан Мицкоски) го запозна Извршниот комитет започнати се преговори со политичките чинители во Владата и ова е во почетна или прва фаза од преговорите, каде што се доставени барањата од дел од политичките субјекти, но Владата, односно премиерот ќе преговара во понатамошниот тек, па сигурно ќе биде навремено информирана јавноста“, рече Сајкоски.
Генсекот на ВМРО-ДПМНЕ во таа насока додаде оти верува дека и ВЛЕН и ЗНАМ се политички субјекти кои се голема поддршка на Владата и дека така ќе остане и во следниот период.
Прашан какво е расположението во ВМРО-ДПМНЕ во врска со, условно кажано, амбицијата на ВЛЕН покрај позицијата прв вицепремиер да добие уште едно место, односно со Министерството за животна средина или некое друго да раководи друг кандидат од оваа коалиција, Сајкоски рече дека не разговарале во партијата на оваа тема.
„Меѓутоа, мислам дека ‘Вреди’ може разумно да процени за она што и како ќе дејствува во следниот период, знае дека има максимална поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, така што мислам дека ќе имаме еден позитивен процес и ќе имаме навистина силна влада за да може да ги надмине сите предизвици што нè очекуваат“, рече тој.
За потсетување, Мицкоски уште во август годинава најави дека по локалните избори наесен ќе следува реконструкција на Владата, но не поради лошо владеење, туку, како што рече, поради јакнење на капацитетите.
Измените во владиниот состав се уште поизвесни откако првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити на локалните избори беше избран за градоначалник на Чаир.
На местото на Изет Меџити коалицијата ВЛЕН го предлага Беким Сали, а според нив на министерската функција во Животна средина и просторно планирање треба да биде предложен друг кандидат.
Во однос на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во Владата и во државните институции, односно дали партијата има методологија за нивна евалуација, Сајкоски изјави дека тоа го прават премиерот и тимот во Владата врз основа на тоа што го ветиле на парламентарните избори и она што е реализирано досега.
Одговарајќи на дополнително прашање, тој кажа дека сè уште немаат листа на кадри од кои се задоволни и оние кои сметаат дека можеле да дадат повеќе, посочувајќи дека сега се концентирани на организацијата на редовниот конгрес на партијата кој треба да се одржи на 6 декември.
На конгресот, како што кажа тој претходно во интервјуто, ќе има над 800 делегати и 1 800 гости, и дека на него ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе важни стратегиски документи кои ќе бидат идна траекторија на партијата.
„Секако, овој конгрес треба да ни е една подготовка за подобро структурирање на партијата, односно да имаме зајакнување на структурата, влез на нови луѓе и да направиме она што беше очекувано, победата на локалните избори да е вовед во голема победа на парламентарните избори ако бидат редовни во 2028 година. Треба да покажеме дека ќе има континуитет и ВМРО-ДПМНЕ ќе испорачува за граѓаните и за државата“, рече Сајкоски.
Извор: 360stepeni.mk






