САД ја додадоа Русија на црната листа заради загрижувачкиот однос кон верските слободи

САД денеска соопштија дека ја додале Русија на црната листа на „особено загрижувачки“ земји во однос на верските слободи.

Нигерија, од друга страна, која лани беше ставена на листата, годинава е повлечена од таму, се наведува во соопштението на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој неделава треба да ја посети оваа западноафриканска земја.

Земјите кои „вршат или толерираат флагрантно, систематско и постојано кршење на верската слобода“ се истите од 2020 година: Саудиска Арабија, Мјанмар, Кина, Северна Кореја, Еритреја, Иран, Пакистан, Таџикистан и Туркменистан. Алжир, Коморите, Куба и Никарагва за Американците се земји „под надзор“.

-САД не се откажуваат од својата посветеност да се залагаат за верска слобода за секого и во секоја земја, рече Блинкен.

Според него, „на премногу места низ светот, продолжуваме да гледаме како владите малтретираат, апсат, се закануваат, затвораат и убиваат луѓе само затоа што сакаат да ги живеат своите животи во согласност со нивната вера“.

Back to top button
Close